Од своето формирање во 2018 година, политичка партија ДЕМОКРАТИ активно ги следи состојбите во образовниот процес во Република Македонија и констатира негов постојан пад.
Ова се однесува, покрај другото и на односот на актуелната власт кон образовниот процес во време на пандемијата од КОВИД – 19, кога ДЕМОКРАТИ со факти објаснуваа дека затворањето на училиштата не смее да се случи. Нашиот став за ненадоместливите штети по детскиот психофизички развој од затворањето на училиштата во тој период беше критикуван, дури и исмеван.
После пандемијата, УНИЦЕФ како организација која треба да работи на заштита на децата во јули 2020 година излезе со анализа наречена „Социјалните и економските ефекти од КОВИД-19 врз децата во Македонија“ во која истакнува: „Пандемијата предизвикана од глобалното ширење на коронавирусот Ковид-19 ѝ наштети на социјалната, едукативната и здравствената благосостојба на децата, при што најранливите се најтешко погодени.
Децата се директно погодени, преку затворање на училиштата, затворање на воннаставните активности и установи за згрижување на деца, социјалното дистанцирање и изолирање, што носи товар врз нивниот едукативен, когнитивен и емотивен развој, со ризик да ги зголемат нивоата на вознемиреност и стрес.
Децата се исто така и индиректно погодени, преку намалувањето на приходите во домаќинството, со што се намалува нивната материјална и социјална благосостојба, го нарушува пристапот до социјална и здравствена заштита, додека за најтешко погодените тука е и ризикот од потхранетост.
Клучно е да се разбере дека негативното влијание од кризата „Ковид-19“ може да биде особено силно за некои групи деца, вклучително и за оние кои живеат во сиромаштија, деца со посебни потреби, деца лишени од родителска грижа, деца во притвор и така натаму.
Понатаму е важно да се потенцира дека таквото негативно влијание може да се прошири и над 2020 година и да ја продолжи детската сиромаштија во понатамошните детски години, па и понатаму во животот“.
Оваа задоцнета анализа на УНИЦЕФ најдобро покажува дека ДЕМОКРАТИ навремено и правилно ја согледале тогашната ситуација и правилно повикувале на совест и свест кај властите во Македонија да не ги користат децата како експериментален материјал за реализирање на нивните потреби од внесување на психоза во државата.
Исто така, оваа анализа во секоја држава би покренала прашања за одговорност на лицата кои довеле до вака опишаната состојба кај децата во нашата држава. За жал, такво нешто кај нас не се случува, бидејќи одговорноста е заборавен збор во македонскиот речник.
Денес сме сведоци на еден нов експеримент со децата во Република Македонија, повторно поради неспособноста на актуелните владеачки структури.
Имено, поради немањето на основни познавања на власта за водење на домаќинска политика во државата, Владата навремено не обезбедила резерви на горива, поради што озаконила да се измени децениското траење на училишната година со тоа што го продолжува зимскиот распуст, а работните денови ги компензира на крајот на училишната 2023 година во јуни.
Со ваквиот акт Владата покажува дека ниту мисли ниту работи во корист на граѓаните во Македонија бидејќи без никаква анализа за штетите по домаќинствата, по штетите на долгогодишната пракса, а само заради покривање на својата неспособност, го озаконила својот експеримент со децата во Република Македонија.
Како ДЕМОКРАТИ посакуваме во иднина, вакви неспособни кадри никогаш повеќе да не раководат со образованието во Република Македонија.