Платата „расте”, џебот останува празен, а инфлацијата ја јаде вредноста на парите.
Просечната плата за февруари, 33.720 денари. За една година тоа е раст од 13 проценти, но реалната плата е пониска за три процентни поени поради инфлацијата. Високата инфлација го изеде стандардот на граѓаните. Просечната плата не е доволна да ги задоволи просечните потреби на граѓаните.
Најголем дел од вработените земаат под просечната плата. На пример, во преработувачката индустрија каде што работат 130 илјади работници или 20 отсто работоспособно население, платите се од 21.000 до 30.000 денари.
Вработените во јавниот сектор се во слична ситуација: наместо процентуално, добија линеарно зголемување, со кое платите им достигнаа до 23.000 денари.
Додека работникот доби по 2.000 денари месечно зголемување на минималната плата, покачувањето на функционерите достигна по 2.000 денари, ама на дневна основа!
Со 78 проценти секој функционер ќе добие од 600 до 1.000 евра покачување месечно!
Македонија со 550 евра просечна плата е земја со најниски плати во регионот. Просечна плата во Словенија е 1.500 евра, во Хрватска 1.100, во Србија 706 евра, во Црна Гора 760 евра, во Босна и Херцеговина 630 евра, во Македонија 550 евра и во Албанија, 500 евра!
Овошјето и зеленчукот, иако со замрзнати цени, ги нема во маркетите, а на пазарите, каде што власта е неспособна и немоќна да ги регулира ценовните движења, тие се со астрономски цени.
Граѓаните се оставени на алчноста на прекупците и накупците.
Кванташки пазар ја обликува цената на овошјето и зеленчукот, за кој и самата Влада призна дека книжел лажни фактури од кои прекупците „заработиле“ по 250 до 300 отсто профити на сметка на осиромашените граѓани, од кои пак, според индексот на сиромаштија на Обединетите нации, над 450 илјади луѓе во Македонија живеат со еден долар на ден!
Додека власта се фали дека успешно се справува со енергетската криза, компаниите размислуваат да ја тужат поради енормно високите цени на електричната енергија на слободниот пазар, поради што и голем број работници беа отпуштени од работа!
Народот е истоштен и доведен во подредена ситуација, за да не може да излезе ни на протест, ни на штрајк, а камоли да се случи социјална револуција!
Синдикатите најавија масовни протести по 1 мај, ако ништо не се преземе за покачување на платите. Неопростливо и недозволиво е однесувањето на синдикатите кон граѓаните работници во сопствената држава. Ќе држеле протест по 1 мај, а за работничките права треба да се протестира секојдневно 365 дена во годината! Додека функционерите си ги покачуваат платите во просек за 78 отсто, кутрите синдикати се борат за мизерни две до три илјади денари покачување на платите на работниците!
Незадоволни сиромашни пензионери, незадоволни сиромашни професори, незадоволни сиромашни лекари, незадоволни сиромашни полицајци, кои своите права си ги бараат пред судовите кои пак, исправени пред фактите и доказите пресудуваат во корист на полицајците!
А зошто да мора полицаецот своите права за неисплатени прекувремени часови и дежурства да ги бара преку судски парници, поради што дополнително се изложува на стрес и трошоци!
Ако градењето е убав момент и асоцира на правење нова додатна вредност, кај нас тоа е завиено во црн вел, затоа сме бомбардирани со информации дека некој сака да профитира од и онака сиромашниот граѓански буџет!
Во неповолна ситуација се и земјоделците, чиј род од 10 илјади тони пченица стои во силосите, додека власта незапирливо увезува по цени повисоки од цените на домашниот пазар.
До кога ќе се омаловажува и потценува домашното производство?
До кога луѓето што произведуваат храна ќе бидат експлоатирани и осиромашувани од страна на властите и прекупците?
Нерегулирани социјални прашања за боледување и нерегулирано трудничко боледување за жените земјоделки!
Вака ли се стимулира наталитетот кој секојдневно го јаде белата чума која е неумолива и одамна го зема данокот. Имаме повеќе починати и иселени, отколку новородени!
Луѓе, потребно е да се зборува за овие девијантни состојби во општеството, во кое граѓаните, независно од верската, етничката, социјалната и политичка припадност се чувствуваат како потстанари во своите домови и држава!
Од домаќини станаа недомаќини, не можејќи ниту да го исфарбаат она што им го оставиле нивните родители или го изградиле самите, земајќи неповолни кредити од банките, кои единствено печалат енормни профити, а кон кои со улога на должнички робови, граѓаните се заглавени со над три милијарди евра!