Државните граѓански институции и претпријатија во Македонија денес даваат многу низок степен на квалитет на услугите, нема љубезност, пресретливост кон барањата на граѓаните, да не зборуваме за меѓународните стандарди за квалитет.
На државно постојано нешто фали, паѓа системот, не се на време спроведени тендерите, нема термини за прегледи и интервенции – и од таму нас граѓаните отворено не упатуваат на приватните фирми, кои најчесто ги држат луѓе блиски до политичарите.
Во државите во ЕУ квалитетот на услугите на државните институции и претпријатија се еднакви со оние во приватните фирми, па дури и подобри. Зошто е тоа така?
Причината е многу едноставна, и ние од ДЕМОКРАТИ ја укажуваме: со изборниот систем со затворени листи се партизира државната администрација, институциите и државните претпријатија, тие се полнат со нестручни и неквалитетни партиски војници, кои не само што не знаат – туку и не сакаат да работат!
Ние граѓаните нив само ги замараме со нашите барања, тие нас не доживуваат како непријатели и товар – и затоа се нељубезни и вулгарни кон нас, а тоа што живеат од нашите пари – баш им е гајле!
Не сме ги поставиле таму ние граѓаните – туку партијата и лидерот!
Затоа во државните институции сега нема ниту квалитет, ниту љубезност, ниту конкурентност со приватниот сектор. Тоа е една од директните последици на изборниот систем со затворени листи!
Затоа ние ДЕМОКРАТИ инсистираме за ИТНО воведување на отворените изборни листи, затоа што со нив се доаѓа токму до квалитет и до конкурентност во нашиот државен граѓански сектор. Со отворените листи се сузбива партизацијата на државните институции и претпријатија, тогаш таму се вработуваат само стручни и квалитетни луѓе, а и постојните вработени се принудени да се дообучуваат и дообразуваат за да работат максимално квалитетно и конкурентно – или може лесно и да ја изгубат работата. Ама не затоа што не биле послушни или извршителни кон партијата или лидерот – туку затоа што не работеле квалитетно, и во интерес на нас граѓаните и на државата.
Има разлика, нели?
Сигурно ви се допаѓа кога ќе влезете во државна институција или претпријатие да ве пречекаат со ведрина и веднаш да излезат во пресрет на вашите барања, како што е во приватните фирми. Системите во државните институции и претпријатија да функционираат постојано и сите тендери навремено и квалитетно да се завршуваат, па да нема недостаток на производи, а услугите да се квалитетни. Никогаш повеќе да не фалат производи за дијабетичарите, за болните од цистична фиброза, материјали за онкологија и т.н.
Тоа е можно само со квалитетна државна администрација, која што е производ само на отворените изборни листи!
Затоа, за да имаме квалитетни и конкурентни државни институции и претпријатија, за граѓанска конкурентност со приватниот сектор, ние ДЕМОКРАТИ инсистираме на ИТНО воведување на отворените изборни листи во Македонија.
Заедно со граѓаните, ние од ДЕМОКРАТИ сме сигурни во успехот на нашата борба за квалитетна и развиена Македонија!