Партијата ДЕМОКРАТИ се изјаснува ,,ЗА”
повторно отворање на таканаречените Хашки Случаи. Оваа тема по повеќе од 20 години од потпишаната амнестија во 2002 година, за грозоморното мачење на мавровските работници, водството на ОНА за кое директно виновен е лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за затворањето на Липковската брана поради што без вода на пеколни горештини останаа 40 дена граѓаните на Куманово и неговата околина, како и за масовната гробница во тетовско Непроштено, повторно ја врати високо на агендата на јавниот интерес комесарката на Советот на Европа за човекови права Дуња Мијатовиќ.
На 15 јануари таа испратила допис до македонската влада, за што се обелодени месец дена подоцна без образложение зошто, со барање за укинување односно повлекување на автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 со што би станала можна повторна истрага за предметите што се префрлени од Меѓународниот суд во домашните судови.
Од она малку информации во јавноста, ги регистрираме оние на сега веќе техничкиот премиер Талат Џафери кој кусо одговори дека ова прашање било затворено со закон и со потврда од Уставен суд.
За волја на вистината, македонското законодавство не е врзано со одлуките на меѓународните трибунали, но за овие 4 конкретни случаи како плод на политичко договарање меѓу ДУИ и ВМРО ДПМНЕ за коалициона влада во 2002 година, за кои судот за воени злосторства во Хаг утврди дека има основ за нивно процесуирање, и откако надлежноста за одлучување им ја пренесе на македонските судови па дури за тоа се организираа и специјални судници, се случи политичкиот договор за амнестија по што виновниците за овие злосторства што беа причинети во 2001-та ја соблекоа воената униформа и ги облекоа скапите одела и преку ноќ од терористи станаа миротворци.
Но, со оглед на меѓународното право, според кое злосторствата против човештвото не застаруваат никогаш, кога тогаш за четирите хашки случаи правдата треба да се извојува и пред македонските судови. На тоа не обврзуваат жртвите, нивните деца, семејства..без тоа нема комплетно помирување, нешто на кое толку инсистира меѓународната заедница.
И овој факт не треба да го дезавуира ниеден политички договор и ниедна амнестија. Виновниците за злоделата јавно и јасно се посочат и одговараат за своите злодела!
Без тоа нема одење напред!
ДЕМОКРАТИ се залагаат за разрешување на сите случаи на злосторства против човештвото кои во мрачната 2001-ва година кога на тест беше ставен и опстојот на државата, се случија на територија на Република Македонија под наводи за некакви човекови права кои во суштина беа за заземање територии и оттаму со хегемонистички предзнак.
Слава им на загинатите и сочувство до семејствата. За жал она за што паднаа нивните синови, татковци и браќа политичките булументи на власт не се достојни да го зачуваат, а камоли да го градат и надградат.