Како што најавувавме и очекувавме ние ДЕМОКРАТИ и на овие парламентарни избори се повторија изборните криминали од претходно, овозможени од криминалниот изборен закон со затворени листи. Пријавено е полнење на избирачки кутии, бугарски воз, штелување на броењето на гласовите во изборните записници, па дури и преправање на изборните резултати од избирачките записниците во ДИК и т.н.
Заробената државна администрација во изборните комисии и партиските војници послушно си ги извршуваа налозите за изборни криминали од своите партиски лидери.
Криминалниот изборен закон овозможи изборните нерегуларности да почнат уште многу порано, пред и за време на изборната кампања, со игнорирање на ДЕМОКРАТИ од страна на заробените медиуми, со незначителни финансии за промоција и минимално време во медиумите, со што изборната трка беше тотално нерамноправна, и во старт многу ги фаворизираше поголемите криминални партии.
Ние ДЕМОКРАТИ предвидувавме ваков можен исход на изборите и затоа благовремено ги повикавме сите партии на обединување во Фронт за спас на Македонија, но личните апетити на помалите партии беа поголеми од заедничкиот интерес на сите граѓани и на Македонија. Сами и разединети, помалите партии го доживеавме неминовното против овие политички криминалци и изборни измамници – голема изборна кражба и неуспех.
Затоа, за да овозможиме регуларни изборни услови и фер и демократски избори, ние ДЕМОКРАТИ ги повикуваме сите партии, интелектуалци, граѓански здруженија и граѓани, за нова голема иницијатива за итна промена на криминалниот изборен закон, и за воведување на една изборна единица, со отворени изборни листи, без праг, подеднаква распределба на финасиските средства од народниот буџет, подеднаква застапеност по медиумите на сите учесници на изборите и поставување на камери на секое избирачко место, со што би се спречиле криминални избори.
Една изборна единица – за сите гласови да важат подеднакво за целата држава, и да не може повеќе да се крадат изборните гласови со Донтовиот модел.
Отворени листи – за да се гласа за најквалитетните луѓе, било за пратеници или за советници во општините, да се спречат изборните измами и да се подигне квалитетот на извршувањето на изборните програми, а пратениците и советниците да бидат слуги на граѓаните, а не горди послушници на лидерите на партиите.
Без праг – затоа што тој е непотребен.
Подеднаква распределба на финасиските средства од народниот буџет и застапеност по медиумите на сите учесници на изборите, со што би се овозможило подеднаква промоција на учесниците и нивната програма пред граѓаните – гласачите.
Поставување на камери на секое избирачко место, со што би се спречиле криминални избори.
Бидејќи ние сме ДЕМОКРАТИ, доста ни е од криминални избори полни со изборни измами и затоа е крајно време да ја отстраниме причината за најголемите проблеми во државата: да го промениме криминалниот изборен закон – и да си ја спасиме Македонија!