ДЕМОКРАТИ го повикуваат премиерот Христијан Мицковски да не си го троши актерскиот талент во петпарачки најави на подкаст водители, притоа ангажирајќи ги министрите, секретарките и обезбедувањето на Владата за приватни цели, туку да се јави кај лидерот на ДЕМОКРАТИ-Јорго Огненовски кој топло ќе го препорача во Холивуд кај продуцентите како моментално најпознат македонски глумец.
Своите актерски вештини, кои најверојатно ги наследил од својот ментор Никола Груевски (познат актер-каскадер кој ги изведува своите бекства во гепеци-македонски Худини), Мицковски најдобро ги покажа во предизборието кога глумеше патриот за Оскар, за сега да се претвори во македонски Борат со улога за Златна Малина.
Истиот тој Христијан Мицковски глумеше голем патриот и ветуваше брда и долини, за сега да се подбива на истите тие подкасти со својата земја и својот народ, тврдејќи обратно пропорционални работи како излезени од устата на Зоран Заев.
Истиот тој актер Мицковски глумеше дека сите проблеми ќе ги реши како со волшебно стапче, но очигледно неговата перфектна глума беше иницирана од фактот како да се добери до власта, за да може да ужива во нејзините благодети, а не од љубовта кон својата земја.
Оттаму, му препорачуваме да се пренасочи од подкасти на филмови, каде што како голем љубител на кеш ќе може да го покаже својот талент, и нормално да кешира огромна сума од холивудските студиа.
Видовме дека добро учи текстови кои му ги нарачуваат сите оние што не и мислат добро на Македонија, така да нема да има никаков проблем со улогите кои и сега одлично ги игра. Така Македонија барем ќе има корист од него, бидејќи ќе мора да плати персонален данок на хонорарите.
ДЕМОКРАТИ и нивниот лидер Јорго Огненовски му стојат на располагање во градењето на неговата актерска кариера во Холивуд.
ДЕМОКРАТИ секогаш со граѓаните!