Политичката партија ДЕМОКРАТИ најостро ја осудува најновата провокација од страна на бугарското Собрание кон Македонија

Политичката партија ДЕМОКРАТИ, како партија со зацртани демократски став и цел, не прифаќа провокаторски и понижувачки акции насочени против демократијата и вистината.

Непријатно сме изненадени што на 1 Октомври 2020 год. бугарското Собрание со 73 гласа за, 4 против и 34 воздржани, го усвои во прво читање, предлогот на коалицијата Обединети патриоти предводена од ВМРО-БНД на вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов, која е дел од Владата на Бојко Борисов, за преименување празникот 24 Мај од „Ден на бугарската просвета и култура и на словенското писмо“ во „Ден на бугарската литература, образование и култура“. Во предлого стои дека „ова е прв чекор кон признавање на кирилицата од страна на ЕУ како бугарска азбука“.

Според политичката партија ДЕМОКРАТИ фактот што за овој небулозен предлог не гласале 38 пратеници, значи дека и во бугарската политика има разумни и стамени луѓе кои се срамат да поддржат извитоперување на историјата на словенските просветители Кирил и Методиј и нивните ученици, која е општо позната во целиот свет.

Политичката партија ДЕМОКРАТИ смета дека ова е уште една провокација кон македонската држава. Имајќи го предвид историското наследство на бугарската држава, кое потекнува од Хан Пресијан I или Персиjaн, бугарскиот владетел на Првото Бугарско Царство од Крумовата династија од 9-от век, кој бил син на Звиница, внук на хан Омуртаг и внук на хан Маламир, јасно е дека Бугарите како народ, соодветно и нивната држава немаат ништо допирно со Словените и нивната азбука.

Прашањето кое се поставува е дали Бугарите воопшто си ја знаат својата историја, или долгогодишното искривување на историските факти им се вкоренило до степен на поистоветување на Татари со Словени.

Политичката партија ДЕМОКРАТИ најостро ги осудува сите провокации на Бугарија во однос на македонската држава и историја.

Воедно, политичката партија ДЕМОКРАТИ е изненадена од леснотијата на една држава, членка на Европската Унија да ги измамува и да им подметнува кукавичји јајца на другите членки на Унијата. Доколку ЕУ сака да биде стабилна и современа демократија, најпрво треба да раскрсти со фалсификаторите и подметнувачите на историски невистини во своите редови. А потоа, и да го казни обидот на државите, членки во европскиот сојуз да му се презентираат провокации на нивна членка како акт на други држави, во конкретниов случај на Македонија.
1. 10. 2020 год.

Политичка партија ДЕМОКРАТИ
Претседател
Јорго Огненовски

Порта Буњаковец бр.19 1000 Скопје demokratimk@yahoo.com