Партиите решаваат кој каде ќе има „свој“ градоначалник по етнички клуч, не по компетенции, постулати, професионални заслуги или по јасна визија

Од интеграција до сегрегација: Продажба на заедништвото за политичка добивка
Толку многу беше вложено во меѓуетничката интеграција во Македонија, преку образовни реформи, младински иницијативи, граѓански програми и културна соработка. Целта беше да изградиме општество на доверба, еднаквост и заедничка иднина. Се зборуваше за интеркултурализам, заеднички вредности, учење едни за други. Но денес? Денес сме сведоци на обратен процес, системска сегрегација, пазарење со етнички позиции, и елиминирање на вистинскиот плурализам.
Ни се случи политичко пазарење наместо граѓанско претставување!
Во најавите на следниов изборен циклус, јавно и без срам се тргува со кандидатури. Партиите решаваат кој каде ќе има „свој“ градоначалник по етнички клуч, не по компетенции, постулати, професионални заслуги или по јасна визија. Особено загрижувачки е примерот на Западна Македонија, каде во општините како Тетово, Гостивар, Дебар, Струга, Кичево, владејачката коалиција отстапува од кандидирање на Македонци, и покрај присуството на значајно македонско население.
Дали ова е почеток на кантонизација?
Кога партиите однапред договараат етничка поделба на територии, тоа не е демократија, туку договорено владеење по етнички клуч, со потенцијал да ги замрзне заедниците во етничка изолација, без мостови, без комуникација, без заедничка визија.
Дискриминација и елиминација на непожелни кандидати!?
Кога некој се кандидира надвор од овој договорен етнички наратив, ќе биде елиминиран или игнориран преку медиумски молк, институционални притисоци или политичко исклучување.
Се создава клима на дискриминација по етничка и политичка подобност, која го уништува потенцијалот за реална демократска конкуренција.
Вистинската поделба е во политичките елити, не кај граѓаните.
Иронијата е што додека граѓаните секојдневно живеат, соработуваат и се дружат заедно, се грижат едни за други без оглед на етничката, политичка или било која припадност, а “елитите” зад затворени врати договараат поделба на функции, ресурси и влијание, држејќи ги граѓаните оддвоени, за да не се здружат и побараат промени. А граѓаните знаат дека, етничката припадност,во политиката во Македонија во изминатиов период, не беше пресудна за нивниот подобрен соживот, туку човечки доблести и професионални референци на луѓе во науката и политиката! ! Граѓаните ја почувствуваат и лажната грижа и манипулација од “свои”.
Денес,
наместо интеграција, добиваме институционализирана поделба, базирана на страв, недоверба и личен профит на моќници.
Што ќе избереме: соживот или сегрегација?
Ако денес прифатиме откажување од кандидатури „за да не се наруши балансот“, утре ќе прифатиме целосно етнички изолирани зони, без допирни точки, без заеднички живот.
Ова не е стабилност туку тивка ерозија на заедништвото.
Ако сакаме да ја зачуваме Македонија како земја на мостови, а не на ѕидови, мораме:
Да го разобличиме пазарењето со идентитет и функции
Да бараме инклузивни кандидатури, независно од етничка припадност
Да се спротивставиме на кантонизацијата, со гласна, граѓанска, демократска мобилизација
Ова е моментот кога се брани вистинското лице на Македонија, не само со зборови, туку со дела.
Весна Дамчевска Илиевска
Доктор на мир и развој#
Претходно КРИМИНАЛНИ ПАРТИИ-ЗДРУЖЕНИЈА И НИВНИТЕ ЗЛОСТОРНИЧКИ КРИМИНАЛНИ БАНДИ СЕ ЗДРУЖУВААТ ЗА ВЛАСТ И МНОГУ ПАРИ, А НЕ ЗА ДОБРОТО НА МАКЕДОНИЈА И НАРОДОТ!

Адреса:

ул. Борис Траjковски 24 - 1/2, Скопје 1000

Адреса:

ул. Борис Траjковски 24 - 1/2, Скопје 1000

Сите права задржани © 2023 ДЕМОКРАТИ