Статут

на партијата

1. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој Статут, партијата ДЕМОКРАТИ го уредува името на партијата, седиштето на партијата, симболот, знамето и химната на партијата, политичките цели и задачи на партијата, условот и начинот на зачленување во партијата, правата, обврските и одговорностите на членовите на партијата, раководењето со партијата, органите и начинот на нивниот избор и отповикувањето на партијата, траењето на мандатот на органите на партијата, начинот на одлучување на органите на партијата, како и други прашања за работата на партијата.

Член 2

Партијата ДЕМОКРАТИ е политичка партија во која граѓаните на Република Македонија се здружуваат по своја слободна волја и убедување во рамки на уставните определби на Република Македонија, меѓународните акти и законите и кои ги почитуваат и прифаќаат Статутот и Програмата на партијата, како и останатите акти врз основа на кои ќе се темелат политиките заради кои таа и се основа.

Член 3

Партијата ДЕМОКРАТИ е политичка партија во која граѓаните слободно се здружуваат поради остварување на граѓанските, политичките и економските слободи и права за сите граѓани, базирани на принципите на демократијата како начело на владеење во државата.

Партијата ДЕМОКРАТИ е политичка партија која се основа за градење, развивање и ширење на демократските политички, економски, социјални, културни и други интереси и уверувања, а кои ќе произлезат од една развиена економија.

Партијата ДЕМОКРАТИ е политичка партија која се основа за учество во постапката за избор на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија, градоначалници на општините и членови на советите на единиците на локалната самоуправа.

Партијата ДЕМОКРАТИ е политичка партија, која се основа за освојување на власта со цел преку нејзините политики да развие стабилна и одржлива економија во државата која ќе придонесе за зајакнување на сите области на државниот систем за обезбедување достоинствен живот на сите граѓани на Република Македонија.

Дејствување, назив, седиште, претставување, застапување, симболи, јавност

Член 4

Името на партијата е ДЕМОКРАТИ.
Скратено име на партијата е ДЕМ.

Член 5

Седиштето на партијата е во Скопје, на улица „Илинденска“, број 93/15.

Член 6

Партијата ДЕМОКРАТИ се запишува во Судскиот регистар на Основниот суд Скопје 2 во Скопје и добива свој регистарски број.

Член 7

Со денот на уписот во Судскиот регистар на Основниот суд Скопје 2 во Скопје, партијата има својство на правно лице и е самостојна партија која во утврдувањето на своите цели, во организирањето и спроведувањето на своите активности дејствува согласно со овој Статут, Програмата и другите акти на партијата.

Член 8

Претседателот на партијата ДЕМОКРАТИ ја претставува и застапува партијата како правно лице во рамките на нејзините активности, а за остварување на целите и задачите заради кои е основана.

Претседателот може со одлука да определи и друг член од органите на партијата да ја застапува и претставува партијата, а поради негова спреченост или зголемен број активности.

Член 9

Партијата ДЕМОКРАТИ има свој печат и штембил.

Печатот на партијата ДЕМОКРАТИ е во форма на круг, во пречник од три сантиметри, во кој е напишано името на партијата, ДЕМОКРАТИ, местото на седиштето на партијата, а на средина е симболот.

Штембилот на партијата е во правоаголна форма, на кој е напишано името на партијата, ДЕМОКРАТИ, местото на седиштето на партијата и симболот.

Со посебна одлука на Централниот комитет се утврдува начинот на чување и располагање со печатот и штембилот на партијата, а за нивното користење ќе биде издадено посебно овластување од страна на претседателот на партијата.

Член 10

Партијата ДЕМОКРАТИ има свој заштитен симбол, знаме, партиска химна и партиска легитимација.

Заштитниот симбол на партијата ДЕМОКРАТИ е приказ на територијата на Република Македонија во темноцрвена боја, која ја држат четири раце во жолта боја во долниот дел, а на горниот дел има четири зраци во жолта боја. На средината со кирилично писмо е напишано ДЕМОКРАТИ во жолта боја.

Знамето на партијата ДЕМОКРАТИ има правоаголна форма во темноцрвена боја, во средината на знамето стои територијата на Република Македонија со жолта линија и дланка со приказ од внатрешната страна во жолта боја, над што е испишано името ДЕМОКРАТИ.

Содржината на партиската химна ќе биде музичка изведба во која ќе се изразуваат демократските принципи без говор на омраза и навреда кон други партии, групи, лица, држави и слично.

Членовите на партијата ќе имаат партиска легитимација, потпишана од претседателот на партијата или од друг овластен член на Извршниот комитет.

Заштитниот симбол, знамето, содржината и видот на партиската химна, формата и содржината на партиската легитимација со посебна одлука ќе ги утврди и доуреди Централниот комитет на партијата.

Член 11

Дејствувањето и работењето на партијата е јавно и ќе биде достапно на членовите на партијата на начин утврден со актите на партијата, како и на секој заинтересиран граѓанин кој сака да биде информиран за целите, активностите и работењето на партијата.

Член 12

За да ги оствари своите цели и да ја извести јавноста за својата програма, задачи и идеологија, партијата ќе користи повеќе медиумски форми на јавни информации во согласност со законската регулатива во оваа област, како што се електронските форми на медиуми (телевизиски канали, радија, интернет), како и печатени форми (весници, списанија, публикации и слично).

Член 13

Партијата ДЕМОКРАТИ е демократско-граѓанска партија, која ги штити интересите на сите граѓани на Република Македонија, ја штити демократијата, слободата, правата на граѓаните, суверенитетот, унитарноста на Република Македонија од домашни и странски непријатели.

2. ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ

Член 14

Партијата ДЕМОКРАТИ, како одговорен политички субјект, нејзиниот претседател, органите, членовите по партиски функции и сите останати членови како одговорни граѓани ќе дејствуваат и своите активности ќе ги насочат кон остварување на следните цели и задачи:

  • Зачувување на Република Македонија како независна и суверена држава, ослободена од внатрешни и надворешни штетни влијанија,
  • Почитување на волјата на граѓаните во врска со името на државата Република Македонија,
  • Поддржување на евроатлантската интеграција и членството во НАТО, со цел втемелување на европските вредности во државниот и правниот систем,
  • Спротивставување на политичките партии, кои со своите активности и дејствувања им нанесуваат штета на Република Македонија и граѓаните,
  • Спротивставување на секој поединец или група, домашна или странска, која ќе преземе каква било активност која е на штета на Република Македонија и граѓаните,
  • Втемелување на демократските принципи и правилно функционирање на правниот систем со доследна и целосна примена на законите,
  • Самостојност во одлучувањето на органите на државата со почитување на темелните вредности на Уставот на Република Македонија,
  • Заложба за слобода, правда и демократија,
  • Заложба против национализмот и поделби на граѓаните по која било основа,
  • Почитување на човековото достоинство, правата и слободите на граѓаните,
  • Обезбедување еднаквост за граѓаните во сите сфери на живеењето, согласно со светските стандарди, втемелени на принципите на демократијата,
  • Oбединување на граѓаните, унапредување и заштита на индивидуалните слободи и права, колективните права, спротивставување на секоја форма на поделба, навреда, ширење омраза, нетолеранција по етничка, верска, јазична, партиска и друга различност,
  • Заложба за еднакви права и одговорности на сите граѓани, независно од половата, етничката, верската, политичката припадност,
  • Сузбивање и уништување на политичкиот криминал, стопанскиот криминал, митото и корупцијата и секој друг вид криминал преку уреден и заштитен правен систем и правилно функционирање на институциите на прогонот и судовите, ослободени од секаков вид интереси и партиски влијанија,
  • Модерно здравство по светски стандарди,
  • Бесплатно државно здравство за социјално ранливи групи и граѓани со ниски примања,
  • Развој на висококвалитетно образование,
  • Бесплатно образование во државните основни, средни училишта и факултети,
  • Заложба, промовирање и финансиска поддршка на науката, иновациите и сите развојни идеи во која било област и стимулирање на научните кадри и иноваторите,
  • Заложба за високоразвиена светска економија, со висок стандард на живеење за секој граѓанин,
  • Креирање нови вработувања со високи плати, со што ќе се спречи иселувањето на повозрасните работоспособни кадри во странство, како и на младите стручни кадри кои треба да останат во нашата земја и да ја градат нашата економија за подобар живот на сите граѓани,
  • Заштита на капиталот и стимулирање на економскиот развој на компаниите за да се отворат нови работни места во стопанството со повисоки плати од платите во администрацијата, со цел мобилност на вработените од јавниот во приватниот сектор,
  • Подобрување и изградба на инфраструктура по светските стандарди, со која ќе се овозможи подобра комуникација на граѓаните во секое населено место и помеѓу населените места,
  • Заложба за правилна заштита на сите вработени и нивните права согласно со светските стандарди,
  • Зголемување на минималната плата во износ кој ќе овозможи пристојно да се живее,
  • Намалување на процентот на данокот на додадена вредност (ДДВ),
  • Драстично намалување на глобите и казните и укинување на Законот за привремено затворање на правните лица поради изречена глоба или казна,
  • Намалување на надлежноста на извршителите, преуредување на системот за извршување и намалување на давачките,
  • Намалување на надлежноста на нотарите, преуредување на системот за нотарска заверка и намалување на давачките,
  • Унапредување, стимулирање и финансиска поддршка на културата,
  • Унапредување, стимулирање и финансиска поддршка на туризмот,
  • Унапредување, стимулирање и финансиска поддршка на масовниот и врвниот спорт,
  • Унапредување на социјалните, економските можности за сите граѓани без полова дискриминација, старосна, верска, национална припадност, припадност на одредени ранливи групи или друг вид различност,
  • Решавање на проблемите на сите ранливи групи граѓани и олеснување на нивното секојдневно живеење,
  • Решавање на проблемите на самохраните мајки, со цел правилно подигање на нивните деца и непречено остварување на секојдневните обврски,
  • Згрижување на децата во градинки каде што ќе им се овозможи правилен развој и насочување, едукација за натамошното образование и стимулирање на вештините и талентите кои ги имаат, согласно со светските стандарди,
  • Грижа за лицата со посебни потреби, за старите и изнемоштените лица со цел да се олесни нивното секојдневно живеење,
  • Заштита на животната средина, воздухот, водата, почвата од загадување со примена на најнова технологија за драстично да се намали, но и да се спречи загадувањето,
  • Промовирање добрососедство и пријателство со сите земји од светот,
  • Промовирање на политичката, економската, научната, образовната, културната, туристичката, спортската соработка со сите земји во светот,
  • Овозможување целосна независност на медиумите и нивна слобода со правилно и објективно информирање на граѓаните, а без при тоа да се привилегира поединец, група или политичка партија.

Член 15

Партијата ДЕМОКРАТИ ќе дејствува во Република Македонија и странство за остварување на својата Програма, цели и задачи, во согласност со домашните и законите на странските држави.

Начин на зачленување

3. ЧЛЕНСТВО

Член 16

Членувањето во партијата ДЕМОКРАТИ е на доброволна основа.

Секој државјанин на Република Македонија кој е полнолетен, во земјата или во странство, може да биде член на партијата, без разлика на националната, верската, половата припадност, економскиот, социјалниот статус; кој не е член на друга партија во Република Македонија и кој ќе потпише пристапница за членство во партијата и ќе ја прифати Програмата, целите и задачите на партијата.

Пополнување на пристапници за членување во партијата се врши во општинските комитети, а по место на живеење на граѓанинот, кои понатаму се проследуваат до Централниот комитет за верификација на членството.

Партијата ДЕМОКРАТИ може да има почесни членови, кои со одлука ги назначува Централниот комитет.

Партијата ДЕМОКРАТИ води евиденција на членовите, како единствена база.

Покрај членовите, во активностите на партијата можат да бидат вклучени поддржувачи и симпатизери, а кои ќе придонесат за остварување на целите и задачите на партијата.

Права, обврски и одговорности

Член 17

Правата и обврските на членовите на партијата ДЕМОКРАТИ:

  • да учествуваат во работата на партијата на сите нивоа,
  • да избираат и да бидат избирани во органите и телата на партијата на сите нивоа, согласно со овој Статут и критериумите и постапките пропишани во согласност со овој Статут и другите акти на партијата,
  • да бидат информирани за активностите и дејствувањето на партијата и да предлагаат активности и ставови на органите и телата на партијата на сите нивоа на организирање,
  • да даваат предлози и идеи за успешно работење на партијата, да го оценуваат работењето и да одлучуваат на седниците на органите на партијата во кои се избрани,
  • да имаат увид, достапност и контрола врз прибавувањето, користењето и располагањето со средствата на партијата на начин утврден со акт на партијата,
  • да ги почитуваат и да се придржуваат до Програмата, Статутот и другите акти на партијата,
  • да плаќаат редовно членарина.

Член 18

Секој член има одговорност за непочитување и одговорност ако неговата активност е во спротивност со Статутот, Програмата, задачите и целите на партијата.

Член 19

Престанок на членството во партијата ДЕМОКРАТИ може да се случи со:

  • доброволна писмена изјава за престанок на членството,
  • губење на деловна способност,
  • смрт на членот,
  • исклучување од партијата поради непочитување, непридржување до Статутот, Програмата и другите правни акти на партијата.

Член 20

Начинот на зачленување на членовите во партијата, статусот, спроведувањето на постапката за добивање партиска легитимација, начинот на водење на евиденцијата на членовите ќе бидат утврдени со акт на Централниот комитет.

Остварување на правата и обврските на членовите, правата и обврските на почесните членови, начинот на утврдување одговорност, начинот на исклучување и престанок на членството во партијата ќе бидат утврдени со акт на Централниот комитет.

Висината на членарината во партијата, начинот на плаќање и евиденцијата, како и мерките кои треба да се преземат доколку не се плаќа редовно членарина, ќе бидат утврдени со одлука на Централниот комитет.

4. ОРГАНИЗАЦИЈА НА ПАРТИЈАТА

Член 21

Организацијата на партијата ДЕМОКРАТИ, територијално е во следните облици на партиско дејствување:

  • Како партија на цела територија на Македонија,
  • Градски општински комитет за подрачјето на град Скопје,
  • Општински комитети за подрачјето на општините,
  • Месни комитети во рамките на општинските комитети,
  • Комитети во странство, Америка, Канада, Австралија и Европа.

Член 22

Начинот на организација, дејствување, одлучување, преземање активности на организацијата на партијата ќе се уреди со акт кој ќе го донесе Централниот комитет.

Асоцијации, форуми, центри и други тела на партијата

Член 23

Покрај основната организација на партијата од член 21, за остварување на целите и задачите можат да се организираат и други форми на партиско здружување како Форум на жени, Форум на млади, Форум на повозрасни членови.

Формираните форуми во својот назив ќе го содржат името на партијата, ДЕМОКРАТИ.

Централниот комитет донесува одлука за основање форуми, како партиски форми на организирање и тие немаат својство на правно лице.

Работењето на формираните форуми ќе биде во согласност со Статутот, Програмата и другите акти на партијата.

Начинот на нивното основање, организација и работа се уредува со акт донесен од страна на Централниот комитет.

Избраниот претседател и потпретседател на форумите за своето работење одговараат пред претседателот на партијата и Централниот комитет.

Член 24

По потреба, партијата, покрај форуми, основа асоцијации, центри и други тела на партијата, како:

  • Академија на истакнати и влијателни членови,
  • Научна академија,
  • Културна академија,
  • Спортска академија,
  • Партиско-аналитички-истражувачки центар во согласност со Законот на партиски истражувачко-аналитички центри.
Одлука за основање на горенаведените тела носи Централниот комитет и тие немаат својство на правно лице.

Начинот на нивното основање, организација и работа се уредува со акт донесен од страна на Централниот комитет.

Избраниот претседател и потпретседател на овие тела за своето работење одговараат пред претседателот на партијата и Централниот комитет.

5. ОРГАНИ НА ПАРТИЈАТА

Член 25

Органи на партијата ДЕМОКРАТИ се:

  • Конгрес,
  • Претседател,
  • Централен комитет,
  • Извршен комитет,
  • Статутарна комисија,
  • Надзорна комисија за материјално-финансиско работење на партијата,
  • Комисија за избор на кандидат за претседател на Република Македонија, на кандитат за пратеник во Собрание на Република Македонија, на кандидат за градоначалник на град Скопје и општините, кандидат за советник во советите на општините.

Конгрес на партијата ДЕМОКРАТИ

Член 26

Конгресот е највисок орган на партијата ДЕМОКРАТИ.

Конгресот го сочинуваат:

  • делегати од општинските огранизации,
  • претседателот на партијата,
  • потпретседатели на претседателот на партијата,
  • генералниот секретар и замениците,
  • претседателот и потпретседателите на Извршниот комитет,
  • членовите на Извршниот комитет,
  • претседателот и потпретседателите на Централниот комитет,
  • членовите на Централниот комитет,
  • претседателите и потпретседателите на општинските комитети,
  • Статутарната комисија,
  • Надзорната комисија за материјално-финансиско работење на партијата,
  • претседателите и потпретседателите на Комисијата за избор на кандидат за претседател на Република Македонија, на кандидат за пратеник во Собранието на Република Македонија, на кандидат за градоначалник на град Скопје и општините, кандидат за советник во советите на општините,
  • претседателите и потпретседателите на формираните форуми и други тела,
  • други истакнати членови, кои по предлог на Извршниот комитет ги избира Централниот комитет.
Бројот на делегати на Конгресот со одлука го одредува Централниот комитет на предлог на Извршниот комитет.

Член 27

Конгресот се одржува како редовен на секои четири години, а може да биде и вонредно одржан.

Централниот комитет донесува одлука за одржување на Конгресот најмалку деведесет дена пред одржување на Редовниот конгрес, а најмалку триесет дена пред одржување на Вонредниот конгрес.

За одржување на конгрес потребно е присуство на две третини од вкупниот број на делегатите.

Член 28

Конгресот на партијата ДЕМОКРАТИ:

  • донесува Деловник за работа,
  • избира Комисија за верификација на мандатот на делегатите на Конгресот и врши верификација на нивните мандати,
  • донесува Програма за работа и други програмски документи,
  • донесува и врши измени и дополнувања на Статутот,
  • го разгледува и усвојува Извештајот за материјално-финансиско работење на партијата,
  • избира претседател на партијата,
  • избира Централен комитет,
  • избира Статутарна комисија,
  • избира Комисија за надзор на финансиско-материјално работење на партијата и други тела и комисии,
  • донесува други одлуки.

Член 29

Вонреден конгрес се свикува под одредени околности и тоа:

  • за гласање на доверба на претседателот,
  • по барање на 2/3 на членовите на Централниот комитет,
  • за престанок на мандатот на претседателот.
  • Во случај да се изгласа недоверба на претседателот на партијата на Вонреден конгрес, претседателот поднесува неотповиклива оставка во рок од пет (5) дена, по што се пристапува кон избирање нов претседател на партијата.
На Вонредниот конгрес учествуваат делегатите од последниот Конгрес.

За одржување на Вонредниот конгрес потребно е присуство на две третини од вкупниот број на делегатите.

Член 30

Со оставката на претседателот на партијата, во оставка се сите органи, но продолжуваат да ја вршат функцијата до изборот на нови органи.

Член 31

Начинот на организирање на работата на Конгресот, преземањето активности, дискусии, работата на телата за организација, гласањето, носењето одлуки и други прашања важни за правилно функционирање на Конгресот ќе се уредат со акт за организацијата и работата, кој ќе го донесе Централниот комитет.

Претседател на партијата ДЕМОКРАТИ:

Член 32

Претседателот на партијата е политичко-извршен орган кој го избира Конгресот на партијата со тајно гласање.

Претседателот на партијата има мандат во траење од четири (4) години.

Претседателот на партијата има право на неограничен реизбор.

Мандатот на претседателот престанува во случај ако:

  • се изгласа недоверба од 2/3 од делегатите на Конгресот,
  • поднесе оставка,
  • трајно е спречен да ја врши функцијата,
  • настапи смрт.

Член 33

Најмалку 20 делегати на Конгресот можат да предложат кандидат за претседател на партијата ДЕМОКРАТИ.

Претседател на партијата ќе биде кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број делегати на Конгресот.

Во случај ако ниеден кандидат не добил мнозинство гласови, во вториот круг влегуваат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови.

Во вториот круг, за претседател на партијата ќе биде избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од делегатите кои гласале, доколку гласале повеќе од половина делегати.

Ако и во вториот круг ниту еден кандидат не го добие потребното мнозинство гласови, тогаш се повторува целата изборна постапка.

Ако за претседател на партијата е предложен еден кандидат и во првиот изборен круг не го добие мнозинството гласови, се повторува целата изборна постапка.

Изборот на кандидат за претседател на партијата и постапката за избор ќе се уреди со актот за организација и работа на Конгресот.

Член 34

Претседателот на партијата е истовремено и претседател на Централниот комитет и на Извршниот комитет.

Член 35

Претседателот на партијата ДЕМОКРАТИ:

  • претседателот и потпретседателите на партијата,
  • генералниот секретар на партијата,
  • претседателите и потпретседателите на Градскиот комитет за подрачјето на град Скопје,
  • претседателите и потпретседателите на општинските комитети,
  • членови кои се именувани од Извршниот комитет,
  • претседателот и два именувани члена од форумите и другите тела на партијата,
  • претседателот на пратеничката група и/или пратениците на партијата ДЕМОКРАТИ во Собранието на Република Македонија,
  • по еден претставник од комитетите на партијата од Америка, Канада, Европа, Австралија.

Централен комитет

Член 36

Централниот комитет е орган на партијата ДЕМОКРАТИ.

Централниот комитет како орган на партијата функционира помеѓу два конгреса и е со мандат во траење од четири (4) години.

Членови на Централниот комитет се:

  • ја претставува и застапува партијата во земјата и странство,
  • донесува политички и други одлуки во име на партијата,
  • активно учествува во креирањето на политиката на партијата,
  • заседава со седниците на Централниот комитет, Извршниот комитет и Годишното собрание,
  • се грижи за спроведување на Статутот, Програмата и на другите акти на партијата,
  • донесува одлука за назначување потписници на жиро-сметката на партијата,
  • предлага потпретседатели и генерален секретар, а воедно предлага и нивно разрешување,
  • предлага кандидати за Централниот комитет, а воедно предлага и нивно разрешување,
  • предлага кандидати за Извршниот комитет, а воедно предлага и нивно разрешување,
  • склучува договори и потпишува правни документи и други правни акти во согласност со Статутот и Програмата и другите акти на партијата,
  • предлага кандидати за Статутарната комисија и Надзорната комисија за финансиско-материјалното работење и воедно предлага и нивно разрешување,
  • има право да оспори одлуки и други правни акти на Извршниот комитет и на други органи и тела во партијата, доколку се во спротивност со Статутот и Програмата и други правни акти, а го известува Централниот комитет на партијата,
  • поднесува извештај еднаш годишно до Централниот комитет за својата активност.

Член 37

Централниот комитет на партијата ДЕМОКРАТИ:

  • го утврдува предлогот на Програмата и Статутот на партијата и другите акти,
  • ги избира и разрешува потпретседателите, генералниот секретар и членовите на Извршниот комитет,
  • води грижа за реализација на задачите на Конгресот,
  • дава идеи и иницијативи за работата на Конгресот,
  • со мнозинство гласови по предлог на претседателот на партијата исклучува и назначува членови на Централниот комитет.
  • со мнозинство гласови по предлог на претседателот на партијата исклучува и назначува членови на Извршниот комитет,
  • го разгледува и усвојува Извештајот на Извршниот комитет,
  • дава и утврдува идејно-политички насоки,
  • го разгледува финансиското работење на партијата,
  • дава политички насоки за дејствување на комитетите,
  • го менува и го дополнува Статутот помеѓу два конгреса,
  • донесува акт за работа на Централниот комитет,
  • донесува акт за работа на Извршниот комитет,
  • донесува акт за работа на Градскиот комитет за подрачјето на град Скопје,
  • донесува акт за работа на општинските комитети,
  • донесува акт за работа на месните комитети,
  • донесува акт за работа на форумите и другите тела на партијата,
  • може да формира други комисии и тела на партијата,
  • донесува Деловник за работа,
  • донесува одлуки од своја надлежност,
  • ги разгледува оспорените одлуки и други правни акти од страна на претседателот на партијата,
  • формира организациона комисија и други комисии, тела за подготовка на Конгресот по предлог на претседателот на партијата и Централниот комитет.

Член 38

Претседателот на партијата свикува и раководи со седницата на Централниот комитет.

На секои три месеци се одржува седница на Централниот комитет, а може и по потреба.

Петнаесет дена пред одржување на седницата на Централниот комитет, поканите се пуштаат во писмена форма (писмо) или електронска форма (имејл) со дневниот ред до членовите на Централниот комитет.

Во случај седницата на Централниот комитет да мора итно да се свика, претседателот на партијата може да ја свика за помалку од 15 дена, а на самата седница го предлага дневниот ред.

Извршен комитет

Член 39

Политичко-извршен орган е Извршниот комитет составен од членови чиј број се утврдува со одлука.

Извршниот комитет работи под задачите, политичките насоки и заклучоците на Централниот комитет и претседателот на партијата.

Претседателот и потпретседателите на партијата координираат со работата на Извршниот комитет.

Извршниот комитет одговара за својата работа пред Централниот комитет и претседателот на партијата.

Работата на Извршниот комитет се одвива на седници.

Претседателот на партијата ја свикува седницата на Извршниот комитет и воедно раководи со седницата.

Права на Извршниот комитет

Член 40

Извршниот комитет на партијата ДЕМОКРАТИ:

  • донесува Деловник за работа,
  • одлучува за основање на Градски комитет за подрачјето на град Скопје, основање општински комитети, месни комитети, асоцијации, форуми, комисии и други органи, донесува и усвојува деловници за нивна работа,
  • номинира и разрешува претседатели на Градскиот комитет за подрачјето на град Скопје, на општинските комитети, месните комитети, комитетите во странство, Америка, Канада, Австралија и Европа, асоцијациите, форумите, комисиите и на други тела,
  • одлучува за бројот на регионите,
  • ги именува и разрешува координаторите на регионите,
  • ги формира комисиите и телата на партијата,
  • донесува финансиски план на партијата, завршна сметка на партијата, го разгледува финансиското работење на партијата,
  • донесува акт за работата и одговорноста на членовите на партијата,
  • донесува одлуки, акти и заклучоци,
  • ангажира повремено надворешни советници на Извршниот комитет по предлог на претседателот на партијата.

Член 41

Извршниот комитет има право да ги стопира и запре од спроведување одлуките на комитетите од сите нивоа, асоцијациите, форумите, комисиите и другите тела, доколку не се во согласност со Статутот и Програмата на партијата.

Статутарна комисија

Член 42

Претседателот на партијата предлага Статутарна комисија, а Конгресот ја избира комисијата.

Статутарната комисија се состои од претседател, потпретседател и три члена.

Мандатот на членовите на Статутарната комисија трае четири (4) години.

Статутарната комисија го изработува и го толкува Статутот, како и другите акти на партијата.

Статутарната комисија донесува Деловник за работа.

Надзорна комисија за финансиско-материјалното работење на партијата

Член 43

Претседателот на партијата предлага Надзорна комисија за финансиско-материјалното работење на партијата, која ја избира Конгресот.

Надзорната комисија за финансиско-материјалното работење ја сочинуваат претседател, потпретседател и тројца членови.

Мандатот на членовите на Надзорната комисија за финансиско-материјалното работење трае четири (4) години.

Надзорната комисија за финансиско-материјалното работење донесува Деловник за работа.

Потпретседатели на претседателот на партијата

Член 44

Потпретседателите на претседателот на партијата ДЕМОКРАТИ се избираат и разрешуваат од Централниот комитет на предлог на претседателот на партијата. Еден од потпретседателите на претседателот на партијата ќе биде задолжен за меѓународна соработка.

Потпретседателите се избираат со мандати на четири (4) години.

Потпретседателите се избираат и се разрешуваат со тајно гласање.

Потпретседателите имаат право на реизбор.

Потпретседателите се членови на Извршниот комитет.

Член 45

Претседателот на партијата со посебно овластување им доделува задачи и работни активности на потпретседателите.

Генерален секретар

Член 46

Генералниот секретар го избира Централниот комитет по предлог на претседателот на партијата.

Генералниот секретар одговара за својата работа пред претседателот на партијата и Централниот комитет.

Генералниот секретар е член на Извршниот комитет.

Мандатот на генералниот секретар трае четири (4) години со право на реизбор.

Член 47

Генералниот секретар учествува во работата на Централниот комитет и Извршниот комитет.

Генералниот секретар:

  • учествува во работата на Централниот комитет и Извршниот комитет,
  • ја контролира работата на комитетите на сите нивоа,
  • работи други задачи и обврски што ги добива од претседателот на партијата, Централниот комитет и Извршниот комитет,
  • административно го подготвува Конгресот,
  • административно ги подготвува седниците на Централниот комитет, на Извршниот комитет, на Годишното собрание и други седници на органите на партијата,
  • ја води и ја документира архивската евиденција и документација за партијата,
  • ги следи, евидентира и извршува оперативно-политичките ставови, одлуки и заклучоци и врши контрола на нивното имплементирање,
  • генералниот секретар предлага, а Извршниот комитет именува, разрешува заменици на генералниот секретар,
  • генералниот секретар со посебни упатства им доверува работа на замениците секретари кои се во негова надлежност.

6. ИЗБРАНИ ПРЕТСТАВНИЦИ ВО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И ВО СОВЕТИТЕ НА ОПШТИНИТЕ И НА ГРАД СКОПЈЕ

Пратеничка група

Член 48

Пратениците на партијата ДЕМОКРАТИ во Собранието на Република Македонија ја претставуваат пратеничката група на партијата.

Пратеничката група е должна своите настапи и дејствувања во Собранието на Република Македонија да ги врши во согласност со Програмата и Статутот на партијата и за таа цел да се консултира со органите на партијата.

Избор на координатор и негов заменик на пратеничката група се регулира со Деловник за работа на пратеничката група.

Градоначалници и Советничка група

Член 49

Градоначалниците и советниците кои дејствуваат како советничка група на партијата ДЕМОКРАТИ ја претставуваат партијата во општините и во советите на општините и на Град Скопје.

Градоначалниците се должни своите настапи и дејствувања на локално ниво да ги вршат во согласност со Програмата и Статутот на партијата, а за таа цел да се консултираат со органите на партијата.

Советничката група е должна своите настапи и дејствувања во советите на општините да ги врши во согласност со Програмата и Статутот на партијата, а за таа цел да се консултира со органите на партијата.

7. ФИНАНСИРАЊЕ НА ПАРТИЈАТА

Член 50

Партијата се финансира преку членарина, доброволни донации, подароци од физички и правни лица, кредити, дотации и легати од Буџетот на Република Македонија, во согласност со финансиските прописи и Законот на политичките партии и Законот за финансирање на политичките партии.

Изворите на финансирање на партијата се јавни.

Контрола на финансиското работење на партијата врши Надзорната комисија за финансиско-материјално работење.

Секоја година се носи Буџетот на партијата, кој ги прикажува приходите и расходите на партијата.

Извршниот комитет може да изврши измена и дополнување на Буџетот на партијата.

За финансиското работење на партијата се води книговодствена евиденција за приходите и расходите на партијата согласно со прописите за финансиско и материјално работење.

Доброволните донации, подароци од физички и правни лица, во согласност со износите предвидени со законот за време на одржување на изборите, се држат на посебна сметка за Изборен фонд.

Член 51

Претседателот на партијата е овластен потписник на жиро-сметката на партијата.

Претседателот на партијата може да овласти кој било член од органите на партијата да биде потписник на жиро-сметката.

Претседателот на партијата може да назначи и други лица за потписници на жиро-сметката на партијата.

8. ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ НА ПАРТИЈАТА

Член 52

Под одредени вонредни околности како што е во случај на воена закана и подготовка за одбрана, војна, катастрофални временски непогоди, во услови кога е спречена работата на Конгресот, Централниот комитет, Извршниот комитет, претседателот на партијата ги презема нивните овластувања за решавање на итните прашања во интерес на партијата.

9. ПРЕСТАНОК НА ПОСТОЕЊЕ НА ПАРТИЈАТА

Член 53

Партијата престанува со работа кога ќе се исполнат следните услови:

  • кога бројот на членовите на партијата ќе се намали под законскиот број на членови за формирање партија,
  • кога со судско решение ќе се донесе престанок на постоење на партијата од надлежен суд или од Уставниот суд на Република Македонија,
  • по одлука на Конгресот на партијата да престане работата на партијата,
  • во случај на престанок на постоење на партијата, имотот на партијата се пренесува на хуманитарни организации во Република Македонија.

10. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 54

До одржување на Конгрес на партијата ДЕМОКРАТИ, собранието на основачите на партијата избира претседател на партијата со мнозинство гласови, ги донесува актите и одлуките потребни за нејзино основање, ги избира органите на партијата по предлог на претседателот на партијата.

Актите и одлуките ги потпишува претседателот на партијата.

Член 55

Централниот комитет ќе ги регулира прашањата што не се одредени со овој Статут со посебни одлуки и акти во согласност со овој Статут, законите и Уставот на Република Македонија.

Член 56

Органите на партијата во рок од шест (6) месеци ќе ги донесат актите утврдени со овoј Статут од денот на неговото влегување во сила.

Член 57

Претседателот на партијата, Централниот комитет, Извршниот комитет и Статутарната комисија можат да поднесат предлог на допoлнувања и измени на Статутот на партијата.

Член 58

Статутот на партијата ДЕМОКРАТИ стапува во сила со денот на неговото донесување.

Изборната програма на политичката партија

ДЕМОКРАТИ

за предвремените парламентарни избори 2020 година

Најава

Содржина

Најава на изборната програма

– ОПШТЕСТВЕНИ ПРОМЕНИ, ФУНКЦИОНАЛНИ ИНСТИТУЦИИ, ПРАВОСУДЕН СИСТЕМ, ПРАВИЧНИ ПОСТАПКИ, БЕСКОМПРОМИСНА БОРБА СО ПОЛИТИЧКИОТ И ДРУГИТЕ ОБЛИЦИ НА КРИМИНАЛ, ТРАНСПАРЕНТНОСТ

– ВНАТРЕШНА И НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА

– ОДРЖЛИВА РАСТЕЧКА ЕКОНОМИЈА, ИНВЕСТИЦИИ, ТРГОВИЈА, РЕВИДИРАЊЕ НА ДАНОЧНАТА ПОЛИТИКА, ПОДОБРУВАЊЕ НА ЖИВОТНИОТ СТАНДАРД

– ВОВЕДУВАЊЕ СОВРЕМЕНИ ТЕХНОЛОГИИ И ИНОВАЦИИ

– ПОДДРШКА НА ЗАНАЕTЧИСТВОТО И УСЛУЖНИТЕ ДЕЈНОСТИ

– ПОДДРШКА НА ТУРИЗМОТ

– ИНФРАСТРУКТУРА И ГРАДЕЖНИШТВО

– РАЗВОЈ НА ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО И СТОЧАРСТВОТО

– ЗДРАВА ЖИВОТНА СРЕДИНА, СПРЕЧУВАЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО

– ИНВЕСТИЦИИ ВО ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА, ПОДОБРУВАЊА ВО ЕНЕРГЕТИКАТА

– СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА И ЗАШТИТА НА РАНЛИВИТЕ КАТЕГОРИИ ГРАЃАНИ И НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

– ЗДРАВСТВО И ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА

– ОБРАЗОВАНИЕ, НАУКА И КУЛТУРА

– РАЗВОЈ НА СПОРТОТ

Изборната програма на политичката партија ДЕМОКРАТИ

за предвремените парламентарни избори 2020 година

Политичката партија ДЕМОКРАТИ е граѓански концепт на партија, која работи, пред сѐ, за доброто на граѓаните и на државата. ДЕМОКРАТИ предлагаат да се направат суштински промени во сите области на политичкиот, државниот и општествениот живот, кои континуирано се уриваа минативе децении.

Сите сме сведоци дека во овој период Македонија назадува во секоја област од живеењето поради погубните политики кои ги водеа СДСМ/ДПМНЕ/ДУИ и нивните коалициони партнери. Тоа се политиките кои го обезвреднија нашето живеење и доведоа до масовно иселување на граѓаните на Македонија од домашните огништа.

За да се спречи натамошното девастирање на државата, ДЕМОКРАТИ влегуваат во нерамноправна трка на предвремените парламентарни избори во 2020 година за народни претставници во Собранието на Република Македонија. Со поднесување кандидатски листи за сите изборни единици, ние, ДЕМОКРАТИ, со поддршка на македонските граѓани кои имаат одважност и смелост, на досегашните владејачи со државата од СДСМ/ДПМНЕ/ДУИ и нивните коалициони партнери, сакаме да им порачаме:

Д О С Т А Е !!!

ДЕМОКРАТИ ве повикуваат на овие историски избори, заедно да кажеме ДОСТА е од:

  1. Погрешно уреденото политичко управување;
  2. Нефункционалниот правен систем и невладеењето на правото;
  3. Богатењето на политичките елити и политичкиот и сите видови криминал и корупцијата;
  4. Осиромашувањето на граѓаните и масовното иселување од државата на младите стручни кадри и повозрасните работоспособни граѓани;
  5. Катастрофалната економска политика и уништувањето на економијата, уништувањето на приватните фирми и обезвреднувањето на државните фирми кои сѐ уште се во постапка за нивна приватизација за да им се доделат низ нелегални постапки на политичките моќници;
  6. Лошите услови во сите области од стопанството и уништувањето на одредени области;
  7. Лошата даночна политика и многуте скриени давачки, плаќањето услуги кои граѓаните не ги добиваат, а сето тоа на нивни товар и на товар на стопанството;
  8. Катастрофалната инфраструктура;
  9. Енормното загадување, уништувањето на животната средина;
  10. Катастрофалното образование, наука, култура, спорт;
  11. Катастрофалната социјална заштита на сите видови загрозени и ранливи граѓани;
  12. Катастрофалната внатрешна и надворешна политика, поддржана од нашите политичари.

Во нашата Програма за овие предвремени парламентарни избори нема да користиме графикони, разни алгоритми, показателни пити, прикази во убаво стокмени слики за очи, за да покажеме што е во нагорна, а што во надолна линија. Евидентно е дека нашиот живот од ден на ден е сѐ полош, државата руинирана, деградирана и уништена во секоја област. Како граѓани гледаме дека сѐ е по надолна линија.

Како ДЕМОКРАТИ, потпирајќи се на нашето животно и професионално искуство, од неправдите кои ни беа нанесени од „владејачите“, дополнителното секојдневно осиромашување и уништувањето на државата, имаме потреба со пишан збор да ви ги кажеме нашите заложби кои се однесуваат на сите граѓани кои живеат во Македонија.

Ние нема да користиме рокови и периоди за реализирање на нашите предлози, бидејќи нашата намера не се празни ветувања за прибирање политички поени, туку остварување на остварливото и приоритетното за сите нас.

Како ДЕМОКРАТИ ве повикуваме да не им дозволиме на досегашните владејачи и во иднина да нѐ држат во модерно ропство. На овие предвремени парламентарни избори ДЕМОКРАТИ за својата девиза за ФУНКЦИОНАЛНА ДРЖАВА предлагаат:

ОПШТЕСТВЕНИ ПРОМЕНИ, ФУНКЦИОНАЛНИ ИНСТИТУЦИИ, ПРАВОСУДЕН СИСТЕМ, ПРАВИЧНИ ПОСТАПКИ, БЕСКОМПРОМИСНА БОРБА СО ПОЛИТИЧКИОТ И ДРУГИТЕ ОБЛИЦИ НА КРИМИНАЛ, ТРАНСПАРЕНТНОСТ

СПРОВЕДУВАЊЕ ПОПИС ВО 2021 ГОДИНА. Попис во Македонија не е спроведен од 2002 година, иако таквата статистичка операција е показател за многу идни ангажмани на државните институции во поглед на животот на граѓаните. За собирање подетални информации, покрај попис на населението и домаќинствата, треба да се направи и попис на индустриските и стопанските капацитети, земјоделскиот, сточниот фонд, инфраструктурата, природните ресурси со кои се располага. Врз основа на податоците од пописот може да се планира извршувањето на сите државни функции во сите области и да се планира развојот на економијата.

ЕДНА ИЗБОРНА ЕДНИЦА СО ОТВОРЕНИ ЛИСТИ И БЕЗ ПРАГ ВО НИВ. За избор на способни, стручни и одговорни наши претставници во Собранието, а не за непознати кандидати за пратеници блиски до политичките моќници на затворените листи, со што се овозможува одлуките да се носат во партиските седишта наместо во Собрание.

УКИНУВАЊЕ НА МОЖНОСТА ЗА РЕГИСТРАЦИЈА НА ПАРТИИ СО ЕТНИЧКИ ПРЕДЗНАК, ЕТНИЧКИ ПРОГРАМСКИ ОПРЕДЕЛБИ И ЗАЛОЖБИ. Неопходно е итно пререгистрирање на сите партии со етнички предзнак и етнички, верски и други различности за да бидат демократизирани, нивната работа да биде насочена кон благосостојба на сите македонски граѓани, а не само за одредена група. Да се спречат делбите и поделбите по етничка, верска или друга различност.

ПРОМЕНА НА НАЧИНОТ НА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ. Симболично финансирање од буџетот на партиите би довело до реален политички натпревар на сите партии, без разлика дали се парламентарни или вонпарламентарни, заради спречување на фаворизирањето на партиите кои имаат монопол врз гласачкото тело врз основа на криминални партиски вработувања во државните институции.

УКИНУВАЊЕ НА МОЖНОСТА ПРАТЕНИЦИТЕ ПО ВЕРИФИКАЦИЈА НА МАНДАТОТ ДА ПРЕМИНАТ ВО ДРУГА ПАРТИЈА ИЛИ КОАЛИЦИЈА, ИЛИ ДА СЕ ПРОГЛАСАТ ЗА НЕЗАВИСНИ И ВРАЌАЊЕ НА МАНДАТОТ АКО НЕ СЕ СОГЛАСУВААТ СО РАБОТЕЊЕТО НА ПРАТЕНИЧКАТА ГРУПА ИЛИ ПАРТИЈАТА ОД КОЈА СЕ ИЗБРАНИ. За спречување на изигрување на волјата на гласачите кои на изборите се раководеле по одредена идеологија, за искоренување на политичкото пазарање за лични цели на штета на гласачот и државата со носење нарачани одлуки, преку програмата се изјаснуваме за законско решение на оваа појава, која досега се покажа како погубна за македонските граѓани.

НАМАЛУВАЊЕ НА БРОЈОТ НА ПРАТЕНИЦИ, УКИНУВАЊЕ НА НИВНИОТ ИМУНИТЕТ, ВИСОКИТЕ ДОДАТОЦИ ЗА УЧЕСТВО ВО РАЗНИ КОМИСИИ И ПАТНИТЕ ТРОШОЦИ. За функционално собрание предлагаме драстично намалување на бројот на пратеници, наместо сегашните 120 пратеници од државава и 3 од дијаспората. Пратениците како претставници на граѓаните не треба да имаат пратенички имунитет и да добиваат дополнителни средства за патарини и за други давачки, туку нивната плата да биде доволна за должноста за која се избрани.

ВОВЕДУВАЊЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНО РЕФЕРЕНДУМСКО ИЗЈАСНУВАЊЕ НА ГРАЃАНИТЕ ЗА ЗНАЧАЈНИТЕ ОДЛУКИ ЗА ГРАЃАНИТЕ И ДРЖАВАТА. Најдемократски и најправилни одлуки се носат само на обврзувачки референдум за граѓаните со нивно непосредно изјаснување, со кое сами ќе одлучуваат за својата иднина, благосостојба и живеење. Такви референдуми треба да се практикуваат за значајни промени во државата, за големи задолжувања во име на народот и за капитални инвестиции.

НАМАЛУВАЊЕ НА БРОЈОТ НА ОПШТИНИ. За правилно и непречено извршување на локалната самоуправа доволни се многу помалку општини, наместо сегашните 80. Голем број од сегашните општини не можат да функционираат со сопствени средства, па тие се обезбедуваат од централниот буџет. Имаме нефункционални општини во кои има незадоволителни образовни, здравствени и други услуги за жителите.

НАМАЛУВАЊЕ НА БРОЈОТ НА МИНИСТЕРСТВА И ДРЖАВНИ ОРГАНИ. За целосно непотребни и баластни за народниот буџет ги сметаме: функцијата министер без ресор, функцијата заменик-директор во државните органи. Функционален државен апарат може да се обезбеди со 11 министерства наместо со сегашните 26, а бројот на државните органи да се намали за половина. Избраните и именувани функционери во министерствата или во органите на државната управа да бидат лица кои имаат најмалку 10 години работно искуство во односното министерство или органот на државната управа. Ќе се залагаме да се укинат голем дел од позициите на советници во претседателскиот и владиниот кабинет, бидејќи позициите се покажаа како „платежно средство“ за непрофесионални и партиски зависни лица.

ПРОФЕСИОНАЛНА И КОМПЕТЕНТНА АДМИНИСТРАЦИЈА. Правично вработување и унапредување во кариерата на стручни и компетентни лица, дефинирани работни задачи, работни нивоа на работните места за да може правилно да се извршуваат надлежностите во државните органи. Сево ова да биде уредено со еден закон, а не со многу закони кои дозволуваат различни толкувања, како што е сега.

ИЗЗЕМАЊЕ НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ГРАДИНКИТЕ, ЗДРАВСТВОТО, ОБРАЗОВАНИЕТО, НАУКАТА, КУЛТУРАТА, СПОРТОТ И ДРУГИ СПЕЦИФИЧНИ ОБЛАСТИ ОД ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА. Правата и обврските на вработените во овие дејности предвидуваме да бидат уредени со посебни закони затоа што нивните работни обврски не се административни, туку стручни со посебни знаења и вештини.

ПОДОБРУВАЊЕ НА РАБОТЕЊЕТО НА АДМИНИСТРАЦИЈАТА СО СКРАТУВАЊЕ НА ПОСТАПКИТЕ И НИВНА КОМПЈУТЕРИЗАЦИЈА, за да се подобрат условите за работа и да се скратат долгите постапки, со можност граѓаните преку компјутерски апликации да бараат и добиваат документи, да предочуваат проблеми и да бидат информирани за нивното разрешување.

РЕВИЗИЈА НА ИМОТОТ ОД 1991 ГОДИНА ДО ДЕНЕС. Носење посебен закон за спроведување на оваа постапка и формирање посебен орган со сите овластувања за правилно спроведување постапка за проверка на имотната состојба на политичарите и економските магнати од 1991 година наваму. Доколку не може да се докаже потеклото на имотот, следува конфискација и утврдување одговорност, како за стекнувачите на имотот, така и за нивните соучесници. Во законот да се предвиди и укинување на можноста за застареност на ваков облик криминал.

РЕВИЗИЈА НА КРИМИНАЛНАТА ПРИВАТИЗАЦИЈА И КРИМИНАЛНИТЕ СТЕЧАЈНИ ПОСТАПКИ НА ДРЖАВНИТЕ ФИРМИ И НИВНА КОНФИСКАЦИЈА, поради нивното незаконско обезвреднување и преминување во сопственост на одредени политичари и нивни блиски луѓе.

ЕФИКАСНО СУДСТВО И ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО, со целосен реизбор на судии и обвинители кој ќе се изврши со специјален закон со точни и прецизни критериуми и во транспарентна постапка. За судија и обвинител во основна инстанца да се избере лице кое работело исклучиво на правосудни работи, а изборот во повисоките инстанци да биде само на лица од пониските инстанци на судови и обинителства. На ваков начин ќе се спречат досегашните политички одлуки при избор на судии и обвинители.

ФОРМИРАЊЕ ПОСЕБНО СУДСКО ТЕЛО КОЕ ЌЕ ПОСТАПУВА ПО ПРИГОВОРИ НА ГРАЃАНИ И ПРАВНИ ЛИЦА КОИ НЕМААТ МОЖНОСТ ЗА НАТАМОШНА СУДСКА ЗАШТИТА. Со оглед на фактот што денес во најголем дел судските одлуки се носат под влијание, особено политичко и со тоа се загрозува правичната заштита на човековите права во судска постапка, потребно е да се формира судско тело кое во разумно време ќе ги работи предметите. Со тоа македонските граѓани ќе бидат заштитени од бројни давачки, а македонската држава ќе се заштити од исплати на казни по меѓународни пресуди за неразумно долги судски процеси.

РЕФОРМИ ВО КРИВИЧНОТО ЗАКОНОДАВСТВО. Оневозможување спогодба на јавниот обвинител со сторител на кривично дело за видот и висината на казните. Сегашната казнена регулатива овозможува неефикасни кривични постапки, разноликост при изрекување на казните за исти дела, изигрување на институтите во законите за да се избегне кривичната одговорност. Спогодбите кои ги склучуваат јавните обвинители со сторителите на делата е погрешно воведен институт, бидејќи не се води доказна постапка која може да ја води само судот, па овие спогодби се склучуваат по принципот „признај, половина ти се простува“. Најчесто овие спогодувања се носат под политички притисоци и се злоупотребуваат од страна на надлежните, а без докажана вина на „виновникот“.

РЕФОРМИ ВО УПРАВНИТЕ ПОСТАПКИ КОИ ГИ ВОДАТ ДРЖАВНИТЕ ОРГАНИ. Целокупното постапување на државните органи и управните судови да биде во рок од една година бидејќи овие постапки траат со години, понекогаш со децении, и во најголем дел не можат да се остварат одредени права поради нивното гломазно уредување.

УКИНУВАЊЕ НА ИЗВРШИТЕЛИТЕ, ПРЕМИНУВАЊЕ НА ПОСТАПКАТА ЗА ИЗВРШУВАЊЕ ВО СУДСКА НАДЛЕЖНОСТ, ПРЕКИН НА ТЕЧЕЊЕ НА КАМАТАТА ДО ВИСИНА НА ГЛАВНИОТ ДОЛГ. Долгите и скапи извршни постапки со преминување на извршувањето во надлежност на извршителите, наместо олеснување на постапката, создадоа уште поголем број должници кои во овие постапки плаќаат огромни суми за извршителски награди и трошоци. Течењето на каматата за цело време додека долгот не се подмири, регрутира уште поголема сиромаштија и загрозување на егзистенцијата на лицата кои имаат долг; сето тоа на сметка на енормното збогатување на извршителите.

НАМАЛУВАЊЕ НА СУДСКИТЕ И НОТАРСКИТЕ ТАКСИ И НАГРАДАТА ЗА НОТАРИТЕ ЗА 50 ПРОЦЕНТИ затоа што поради висината на судските такси голем број граѓани немаат доволно средства да бараат заштита на своите права пред судовите, а високите нотарски такси ги оневозможуваат да ја изразат својата волја и да ги регулираат своите права и обврски во нотарски акт.

ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО РАБОТЕЊЕТО НА СИТЕ ИНСТИТУЦИИ за граѓаните да имаат увид колку се платени сите нивоа на работни места, кој и колку репрезентации, награди, средства за патни трошоци добива, колку службени возила се возат и колку е потрошувачката на гориво и тоа за сите вработени, не само за избраните и именуваните функционери. Исто така, бараме намалување на возниот парк од 60 проценти.

ТРАНСПАРЕНТНОСТ НА МЕДИУМИТЕ за јавноста да биде објективно информирана за сите настани, да се исклучи политичкото влијание врз медиумите и кое било влијание кое не придонесува за објективно информирање.

ВНАТРЕШНА И НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА

ВОДЕЊЕ ВНАТРЕШНА ПОЛИТИКА со која ќе се почитуваат правата на граѓаните, ефикасно функционирање на институциите и правилно спроведување на нивните надлежности затоа што во нашата држава граѓанинот е маргинализиран, институциите партизирани. Се залагаме времето на делби и поделби да биде минато. Да нема „наши“ и „ваши“. Секој поединец да биде ослободен од стравот и стресот, да има чувство дека е пожелен граѓанин во оваа држава. Граѓанинот да може да ги остварува сите загарантирани уставни и законски права, воедно да понесува и одговорност за своите постапки. Институциите да бидат функционални во корист на правилно функционирање на државата и граѓаните и да се ослободат од влијанието на политичарите. Да поставиме внатрешна политика за функционална држава, бидејќи за нас секој граѓанин има вредност.

ВОДЕЊЕ НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА врз основа на добри намери со сите држави, со заемно почитување, без какви било претензии или истакнување на различностите, но и без компромис и отстапки од наша страна за клучните државни, историски и културни придобивки за да може надворешната политика да овозможи развој на нашата економија, трговска размена и соработка во секоја област. Нема да прифатиме во надворешната политика барање на друга држава за отстапки од наша страна со кои се брише нашиот идентитет, историја, култура. Во надворешната политика ќе се раководиме од меѓународните договори и декларации кои го штитат суверенитетот на секоја држава и нејзиното право на самоопределување, уредување и одредување на државните симболи. Во однос на склучениот таканаречен Договор од Преспа ќе побараме референдумско изјаснување на граѓаните за негово прифаќање или неприфаќање. Ќе ги прекинеме преговорите со Бугарија доколку власта не се откаже од поставените ултиматуми со кои се загрозува идентитетот на Македонците.

СКЛУЧУВАЊЕ БИЛАТЕРАЛНИ И МУЛТИЛАТЕРАЛНИ ДОГОВОРИ СО ЗЕМЈИ СО КОИ НЕМАМЕ СКЛУЧЕНО за проширување на меѓународната соработка, размената на стоки и услуги, презентирање на сопствената традиција, култура и историја. Овозможување размена на знаења преку поставување систем за размена на знаењето од образованието, информатиката, иновациите.

ОДРЖЛИВА РАСТЕЧКА ЕКОНОМИЈА, ИНВЕСТИЦИИ, ТРГОВИЈА, РЕВИДИРАЊЕ НА ДАНОЧНАТА ПОЛИТИКА, ПОДОБРУВАЊЕ НА ЖИВОТНИОТ СТАНДАРД

ОТВОРАЊЕ ПРОИЗВОДСТВЕНИ И ПРЕРАБОТУВАЧКИ КАПАЦИТЕТИ. За градење стабилна економија, државата треба да додели заеми без камата за првите три години и да ги поедностави процедурите за започнување на работењето.

ЕДНАКВИ МОЖНОСТИ ЗА ДОМАШНИТЕ И СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ. За условите да бидат исти, без разлика на потеклото на средствата кои се вложуваат, неопходно е менување на сегашната инвестициска политика, која дава големи предности и олеснувања за странските инвеститори, што не се однесува за домашните инвеститори.

ОТВОРАЊЕ И РАЗВОЈ НА МАЛИ И СРЕДНИ ПРИВАТНИ ФИРМИ со субвенции од државата до 50 проценти од инвестицијата за нивно отворање и потребната опрема и олеснување на условите за нивно функционирање, под услов тие да работат седум години од денот на отворањето.

ВРАЌАЊЕ ВО ФУНКЦИЈА НА СТОПАНСКИТЕ КАПАЦИТЕТИ КОИ СЀ УШТЕ НЕ СЕ ПРЕМИНАТИ ВО ПРИВАТНА СОПСТВЕНОСТ СО НИВНО ОБЕЗВРЕДНУВАЊЕ. Ќе се запрат започнатите стечајни постапки, а нема да се отпочнуваат нови за да се спречи нивното обезвреднување со цел да преминат во приватна сопственост. Овие стопански капацитети ќе се рестартираат со буџетски средства, ќе се овозможи отворање нови работни места и враќање на производството на производи кои се произведуваа, а тие ќе останат во државна сопственост сѐ до нивното успешно работење.

НОСЕЊЕ РАЗВОЈНА ЕКОНОМСКА ПРОГРАМА ЗА СЛЕДНИТЕ ПЕТ ГОДИНИ, во која треба да се даде анализа на сегашната економска состојба на државата: со кои индустриски, производствени и преработувачки капацитети располага македонската економија, колку се извозно ориентирани, колку придонесуваат во буџетот и предлагање конкретни мерки кои треба да се преземат со цел развој на досегашните капацитети и отворање нови. Без добро подготвена анализа на целокупната сегашна состојба за која цениме дека е стихијна, не може да се планираат идните активности за развојна и стабилна економија. Зависно од анализата би следувале пакет мерки со олеснувања за отворање големи, средни и мали фирми. Зависно од големината на капиталот кој би се инвестирал, ќе следуваат даночни и други олеснувања, а за развој на одредени гранки од индустријата ќе следуваат неповратни средства комбинирани со бескаматни заеми.

ПРИВЛЕКУВАЊЕ СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ со доставување понуди до познатите успешни странски фирми, формирање тимови од експерти за договарање и преговарање на државата со нив за олеснувањата и поволностите за да инвестираат во Македонија.

ЗАШТИТА НА СИТЕ ПРИВАТНИ ФИРМИ ОД ПРИТИСОЦИ И УЦЕНИ ОД ПОЛИТИЧКИТЕ МОЌНИЦИ ВО ТРАНСПАРЕНТНА ПОСТАПКА. Во нашето секојдневие сведоци сме на разни уцени со кои се соочуваат сопствениците на приватниот капитал, било преку посредници, било преку многукратни инспекциски контроли со изрекување енормни казни. Овој начин на дејствување на политичките моќници мора целосно да се искорени и да се создадат услови за реална бизнис-клима преку лојална конкуренција за сите приватни фирми. Сите приватни стопанственици кои во изминатите години се соочиле со вакви притисоци, по што го изгубиле својот бизнис и ги затвориле фирмите, треба да ги пријават таквите активности на политичките и други моќници. Во сите случаи во кои ќе биде откриен и утврден притисок, следува одговорност со конфискација на имотот кој преминал во друга сопственост со политички притисоци и уцени. За реализација на оваа мерка ќе се донесе специјален закон.

ОВОЗМОЖУВАЊЕ МЛАДИТЕ СТРУЧНИ КАДРИ ДА ИМААТ СВОЈ БИЗНИС ВО МАКЕДОНИЈА. За задржување на младите во Македонија и спречување на нивното иселување, ДЕМОКРАТИ предвидуваат реални активни мерки на државата и субвенционирање на новиот бизнис во првите три години. Помош треба да добиваат младите преку посебна програма за секоја област, со категоризација според потребните средства, субвенционирање според висината на вложените финансиски средства, како и со овозможување бескаматни заеми од државата.

ОВОЗМОЖУВАЊЕ ПОВОЗРАСНИТЕ ЛИЦА КОИ ОСТАНАЛЕ БЕЗ РАБОТА ДА ИМААТ СВОЈ БИЗНИС ВО МАКЕДОНИЈА. Поголем дел од повозрасната популација во сѐ уште таканаречениот транзиционен период ги изгуби и сѐ уште ги губи работните места. Дел од оваа популација има потребни знаења и квалификации за отпочнување свој бизнис, а моментално е во социјален ризик, не може да ги исполни условите за пензија и преживува на сметка на своето семејство. За активно вклучување во процесот на производство, преработувачка, државата да го субвенционира отворањето сопствени мали бизниси, со кои овие лица ќе можат самостојно да обезбедат примања за себе, но и да вработат други лица.

НАМАЛУВАЊЕ НА НЕВРАБОТЕНОСТА. Градење индустриски капацитети, мали и средни претпријатија, се решение за ова горливо прашање, а основа на развиена економија е успешното работење на секој сектор. Со активни мерки за развој на земјоделството, сточарството, услужните дејности, со правилно поставени политики за развој на сите сектори, за четири години невработеноста може да биде драстично намалена. Стапката од 20 проценти на невработени лица е нереално прикажана бидејќи во овој процент се внесени само лицата кои редовно се евидентираат во Агенцијата за вработување, но сигурно дека оваа стапка е двојно поголема.

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТАТА ВО СИТЕ СЕКТОРИ. За обезбедување достоинствено живеење потребни се брзи и ефикасни мерки за зголемување на примањата на граѓаните и воспоставување средна класа затоа што повеќе од половина од популацијата живее во сиромаштија, а малкумина политички ангажирани и нивни блиски станаа екстремно богати. Сегашната минимална плата не е доволна за пристоен живот, а сегашниот начин на одредување просечна плата е нереален. Предлагаме минималната плата да изнесува минимум 30.000 денари. Платата треба да биде поврзана со вредноста на потрошувачката кошница на месечна основа и скриената инфлација.

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЕНЗИИТЕ. Зголемувањето на пензиите е неопходно за да нема пензионери со пониски пензии од 15.000 денари. Предвидуваме и годишна корекција на пензиите во висина на процентот од скриената инфлација.

РЕВИДИРАЊЕ НА ДАНОЧНАТА ПОЛИТИКА. За ова предвидуваме да се изврши целосна анализа на сегашната даночна политика. Со ангажирање домашни и странски експерти треба да се предложи промена на даночните стапки или воведување нови даночни стапки, а со кои треба да се овозможи развој на економијата. Потребни се измени на даночните стапки затоа што данокот на додадена вредност (ДДВ) од 18 проценти е високо определен. Се залагаме данокот да биде 6 до 7 проценти. Ќе се залагаме за прогресивен данок на приход.

РЕВИДИРАЊЕ НА СКРИЕНИТЕ ДАВАЧКИ И ТРОШОЦИ. За да се види со кои сѐ непотребни и непознати давачки сме оптоварени, треба да се направи анализа, подоцна достапна за граѓаните. Треба да знаеме дали постојат, а ако постојат, колкави се, кои се, дали се реални и каде завршувале средствата собрани на име на овие скриени давачки и трошоци.

ВОВЕДУВАЊЕ СОВРЕМЕНИ ТЕХНОЛОГИИ И ИНОВАЦИИ

ИЗГОТВУВАЊЕ ПРОГРАМА ЗА ВОВЕДУВАЊЕ СОВРЕМЕНИ ТЕХНОЛОГИИ кои треба да му помогнат на развојот на нашата економија. Познато е дека повеќето капацитети работат со застарена технологија или рачно производство. ДЕМОКРАТИ предвидуваат, по стопански гранки, да се утврди примената на видот технологии со кои треба да се зголеми продуктивноста, начинот на кој може да се воведат и на кој може да бидат субвенционирани од државата. Во изработката на оваа програма ќе бидат вклучени домашни и странски експерти во соработка со коморите и другите тела. Оваа програма треба да се донесе во рок од шест месеци поради лошата и катастрофална состојба во економијата и целокупното стопанство.

Стручните лица, ангажирани од ДЕМОКРАТИ, треба да помогнат во воведувањето современи технологии во преработувачката дејност за поголема продуктивност на стопанството, во земјоделството и во сточарството. Со тоа треба да се зголемат производството и потрошувачката, да се намалат трошоците за производство или преработка, што ќе доведе до намалување на цената на производите и овозможување поголема кохерентност на домашниот и надворешниот пазар.

ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ИНОВАЦИИ ОД ДОМАШНИ ИНОВАТОРИ. Од страна на голем број иноватори изготвени се иновации во различни области кои ќе се имплементираат од страна на државата. За употреба на овие иновации ќе се објави јавен повик за нивно доставување до специјално формирано тело, од кое ќе бидат разгледани во транспарентна постапка, ќе се утврди начинот на нивната употреба и ефектите кои ќе се постигнат од нив. За ефективните и употребливите иновации ќе се додели правичен надоместок за иноватор, а зависно од ефектите на иновацијата, ќе се понуди приватно-јавно партнерство.

ФИНАНСИРАЊЕ ИНОВАЦИИ ОД СТРАНА НА ДРЖАВАТА со кои ќе се подобрат условите и продуктивноста во сите гранки на стопанството, особено во индустриското производство, производството на енергија од обновливи извори на енергија, складирањето и управувањето со отпад и отпадни води, спречувањето на загадувањето, во иновациите во здравството и врвните компјутерски иновации.

РЕВИЗИЈА НА ДОДЕЛЕНИТЕ СРЕДСТВА ЗА ДОСЕГАШНИТЕ ИНОВАЦИИ И УТВРДУВАЊЕ ЈАСНИ И ПРЕЦИЗНИ КРИТЕРИУМИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ СРЕДСТВА, РЕОРГАНИЗАЦИЈА НА ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ затоа што досега се доделуваа средства за иновации кои не овозможија никаква продуктивност во областа за која беа доделени, како и поради субјективното и пристрасно доделување на лица блиски до власта.

ПОДДРШКА НА ЗАНАЕТЧИСТВОТО И УСЛУЖНИТЕ ДЕЈНОСТИ

ОВОЗМОЖУВАЊЕ УСЛОВИ ЗА ВРШЕЊЕ ЗАНАЕТЧИСКИ И УСЛУЖНИ ДЕЈНОСТИ И ВРАЌАЊЕ НА ИЗГУБЕНИТЕ ЗАНАЕТИ. Поради нашето опкружување кое сѐ уште е ниско развиено, граѓаните и одредени приватни фирми сѐ уште имаат потреба од одредени занаетчиски дејности. Може да се каже дека занаетчиите немаат никаква поддршка од државата за одржување на својот занает. Истото е и со услужните дејности. Затоа е потребно вршителите на услуги, кои, откако ќе ги платат разните давачки за закуп, давачките кон државата, остваруваат нето-примања од својот занает пониски од минималната плата, да се субвенционираат до просечната плата во државата. Оние кои остваруваат профит до 100.000 денари месечно да бидат оданочени со данок со даночна стапка во висина од 3 проценти. Изгубените занаети е потребно повторно да се вратат да бидат целосно субвенционирани од државата во првите три години. За правилно постапување на оваа активност ќе се донесе програма во која за една година ќе се реализираат потребните активности од државата.

ПОДДРШКА НА ТУРИЗМОТ

НОСЕЊЕ ТРИГОДИШНА СТРАТЕГИЈА ЗА РАЗВОЈ НА ЕЗЕРСКИОТ, ПЛАНИНСКИОТ, БАЊСКИОТ, СЕЛСКИОТ ТУРИЗАМ во која ќе се утврди во кои места и реони ќе се развива туризмот, согласно со природните потенцијали, историското и културното наследство кое го имаме, а за зголемување на туристичката понуда и остварување профит од дејноста туризам.

ОДМОРАЛИШТАТА ВО ДРЖАВНА СОПСТВЕНОСТ ЗА ПОТТИКНУВАЊЕ НА ПЛАНИНСКИОТ ТУРИЗАМ. На неколку планини во Македонија сѐ уште има објекти кои порано беа одморалишта, а сега тие од страна на државата се напуштени и оставени во процес на обезвреднување, со цел да преминат во приватна сопственост. Овие објекти треба да се реконструираат и уредат за привлекување туристи за развој на планинскиот туризам.

ИЗГРАДБА НА СОВРЕМЕНИ СКИ-ЦЕНТРИ за развој на зимскиот туризам и искористување на природните терени на Пелистер, Маврово, Попова Шапка, Кожув и Калин Камен за привлекување домашни и странски туристи, бидејќи моменталниот зимски туризам е сведен на еднодневни излети.

ИЗГРАДБА НА ЕТНОСЕЛА ВО НЕКОЛКУ РЕГИОНИ ВО ДРЖАВАТА СО СПЕЦИФИКИТЕ НА ОБЛАСТА ВО КОЈА ЌЕ БИДАТ ЛОЦИРАНИ. Изобилуваме со прекрасни селски предели во кои може да се развие селскиот туризам со изградба на мини-локалитети кои ќе ја имаат автентичноста и спецификата на областа. Овие мини-села наменети за престој на туристи ќе содржат престојувалишта, ресторани, културни содржини со етнобелезите на тој предел. Државата ќе ја субвенционира изградбата на вакви села до 20 проценти од износот за градба.

ПОДОБРУВАЊЕ НА УСЛОВИТЕ ЗА ЕЗЕРСКИ ТУРИЗАМ СО СОВРЕМЕНИ ЛЕТУВАЛИШТА, РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ПОСТОЈНИТЕ И ГРАДЕЊЕ НОВИ КАМП-ЛОКАЦИИ. Сезоната на езерскиот туризам е сведена два месеци на годишно ниво, најчесто поради немање доволно содржини за рекреација, несоодветни престојувалишта или прескапи сместувања во подобрите хотели. Потребата од обновување на постојните камп-одморалишта и градење нови е неопходна за привлекување туристи вљубеници во ваков вид летување и можност овој вид летување да биде користено од граѓани кои од економски причини не можат да си дозволат летувања во скапите летувалишта.

РАЗВОЈ НА БАЊСКИОТ ТУРИЗАМ СО ЗДРАВСТВЕНИ И СПА-СОДРЖИНИ. Искористување на потенцијалите од минерални води во регионите на Куманово, Кочани, Велес, Гевгелија, Струмица, Дебар… кои, покрај рекреативен бањски туризам, можат да понудат и бањско-здравствено лекување и рехабилитација од одредени здравствени состојби. Постоечката бања во Катланово треба да се реновира и прошири со цел да се добие модерен бањски центар.

ПРОМОЦИЈА НА КУЛТУРНОТО, ИСТОРИСКОТО НАСЛЕДСТВО НА ОДРЕДЕНИ ГРАДОВИ ПРЕКУ РЕОНСКИ ТУРИЗАМ ЗА КОЈ ЌЕ БИДЕ ДОНЕСЕНА СТРАТЕГИЈА ЗА НЕГОВО ОДВИВАЊЕ. Градовите во Македонија и нивната околина изобилуваат со разни историски, културни, обичајни содржини кои ги прават различни од другите. Во голем број градови има градби кои се стари со векови, во нивна близина разни историски значајни археолошки пронаоѓалишта, голем број стари верски објекти. Сево ова нуди можност за реонски туризам за вљубениците во кратки патувања.

ИНФРАСТРУКТУРА И ГРАДЕЖНИШТВО

РЕКОНСТРУКЦИЈА И ИЗГРАДБА НА НОВИ АВТОПАТИ. Постарите автопати се во исклучително лоша состојба и потребна е нивна реконструкција. Приоритет во доградбата треба да се даде на веќе започнатите градби на автопати кои доцнат со години. Приоритет на изградба на нов автопат треба да се даде на поврзување на Битолскиот, Прилепскиот Регион и соседните населени места.

НАМАЛУВАЊЕ НА ПАТАРИНИТЕ. Поради малиот број изградени километри автопат и поставени наплатни пунктови речиси на секои 50 километри пат, а некаде и помалку, потребно е да се намалат патарините за 50 проценти и да се воспостави современ начин на наплата при влез и излез од секој автопат.

ГРАДЕЊЕ РЕОНСКИ ПАТИШТА. Голем дел од населените места меѓусебно се поврзани со влез и излез од нив. За да се избегне влегување на возилата во овие населени места, потребно е нивно меѓусебно поврзување со реонски патишта изградени надвор од населените места.

ИЗГРАДБА НА ПАТИШТА ВО СИТЕ РУРАЛНИ СРЕДИНИ КАДЕ ШТО СЀ УШТЕ СЕ ПРИСТИГНУВА ПО ЗЕМЈЕН ПАТ. Во голем дел од населените места, но особено во близина на граничниот појас на државата, во Мариовскиот Регион, Светиниколско, Скопско, нема асфалтирани патишта и инфраструктурно тие се отсечени од поголемите градови.

УРБАНИЗАЦИЈА НА НАСЕЛЕНИТЕ МЕСТА со градење пешачки и велосипедски патеки, уредување паркови и поставување нови со реквизити за спорт и рекреација, уредување на просторите околу станбените згради, решавање на проблемот со паркирање со градење катни гаражи, воведување зони во централните градски подрачја кои се без пристап на патнички и товарни возила.

ИЗГРАДБА НА ИНФРАСТРУКТУРА ДО СТОПАНСКИТЕ КАПАЦИТЕТИ И РАЗВОЈНИТЕ ЗОНИ СО КОЈА ЌЕ СЕ ОВОЗМОЖИ БРЗ ТРАНСПОРТ НА СТОКАТА БЕЗ ДА СЕ НАРУШУВА ЖИВЕЕЊЕТО И ДВИЖЕЊЕТО ВО УРБАНИТЕ МЕСТА И ДРУГИТЕ НАСЕЛЕНИ МЕСТА. Оваа инфраструктура која е неопходна за пристап до стопанските капацитети, во најголем дел се гради низ населените места, централните градски подрачја со што се нарушува движењето на населението, се загрозува сигурноста во сообраќајот и се зголемува загадувањето.

ГРАДЕЊЕ ЖЕЛЕЗНИЧКА ИНФРАСТРУКТУРА која е целосно запоставена, а превозот на патници и транспортот на стока по железнички пат е најевтин. Затоа е потребно поврзување со градење пруга до Бугарија, железничко поврзување со Албанија, реконструкција на внатрешната инфраструктура и набавка на современи вагони за превоз на патници и транспорт.

ВОВЕДУВАЊЕ ГРАДЕЖЕН КАТАСТАР во кој ќе бидат опфатени изградените станбени и стопански капацитети со утврдување критериуми за локацијата на која може да се градат станбени и стопански капацитети, а за да се спречи урбаниот хаос од градење станбени објекти и градење стопански капацитети во населените места.

РАЗВОЈ НА ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО И СТОЧАРСТВОТО

ВОВЕДУВАЊЕ АГРОКАРТА ЗА ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ, ГРАДИНАРСКИТЕ КУЛТУРИ И ИНДУСТРИСКИ КУЛТУРИ ВО МАКЕДОНИЈА. Бидејќи производството на овие култури е стихијно, со мали приноси, потребно е изработка на агрокарта во која ќе бидат опфатени сите обработливи површини, како и оние кои не се обработливи, а можат да се пренаменат во обработливи. По составот и содржината на почвата ќе се одреди кои култури успеваат за да се засадат на нив. Да бидат одредени најмногу до три култури и да се предвиди колку би бил приносот од нив. Оваа агрокарта ќе биде изработена од експерти во оваа област и во неа ќе биде опфатено обработливото земјиште и во државна и во приватна сопственост. Во случај приватните сопственици да не се придржуваат вo однос на утврдениот насад во агрокартата, нема да им се исплаќаат субвенции за производство на овие култури.

ВОВЕДУВАЊЕ МОЖНОСТ ЗА ПРИВАТНО ЗДРУЖУВАЊЕ НА ЛИЦАТА КОИ СЕ ЗАНИМАВААТ СО ПРОИЗВОДСТВО НА РАЗНИ КУЛТУРИ И СТОЧАРСТВО ПРЕКУ КОНЦЕПТОТ „СОЗДАВАЊЕ СВОЈА ЗАДРУГА“. Државата ќе изработи програма и ќе ги подготви мерките со кои повеќе лица ќе можат да регистрираат своја задруга за окрупнување на обработливото земјиште, за заедничка употреба на земјоделската и друга механизација, заедничко формирање цена на производите и нивен пласман и продажба. За секоја формирана задруга државата ќе субвенционира износ од 5.000 евра, неповратно со услов таа да функционира три години.

ДОДЕЛУВАЊЕ ДРЖАВНИ СУБВЕНЦИИ само на лица исклучиво регистрирани за производство на земјоделски, градинарски и индустриски култури и сточарство и кои не остваруваат други приходи, со цел зголемување на нивните средства и оневозможување на доделување субвенции на лица кои имаат други приходи, а побаруваат субвенции за сопствените обработливи површини. Со ова ќе се поттикне производството, а воедно ќе се овозможи овие лица да имаат можност за проширување на својата дејност со отворање мини-производствени капацитети на своите производи.

ВРАЌАЊЕ НА ПРОИЗВОДСТВОТО НА ОДРЕДЕНИ КУЛТУРИ КОИ ПРЕСТАНАА ДА СЕ ПРОИЗВЕДУВААТ ИЛИ СЕ НАМАЛИ НИВНОТО ПРОИЗВОДСТВО, ВОВЕДУВАЊЕ ПРОИЗВОДСТВО НА НОВИ КУЛТУРИ. За поволната клима и амбиентот на почвата во Македонија потребно е да се изготви стратегија со која ќе се определи начинот на зголемување на приносите од зрнести култури, особено оризот, потоа на тутунот, сончогледот, како и за да се врати масовното производство на шеќерната репка, афионот, памукот, ленот и сусамот. Од градинарските култури се намали производството на грав и други мешункасти производи, кромидот, лукот и уште многу други. Од овошните култури се намалува производството на јаболка, а кајсиите и крушите се во фаза на губење. За да не ги наведуваме сите култури, во стратегијата која ја предлагаме ќе бидат внесени мерките и активностите за секоја култура што треба да се произведува, да се зголеми производството, да се воведат нови култури кои согласно со климатските промени, ќе успеваат во Македонија. На овој начин ќе го намалиме увозот на овие култури, кој во последните години е енормно зголемен и ќе го стимулираме извозот. Субвенционирањето и неговиот начин ќе бидат опфатени со посебни политики за оваа област.

РАЗВОЈ НА СТОЧАРСТВОТО, ЖИВИНАРСТВОТО, НИВНО ОКРУПНУВАЊЕ И ПОДДРШКА ЗА ОДГЛЕДУВАЊЕ ДОМАШНИ ЖИВОТНИ НА КОИ Е НАМАЛЕН БРОЈОТ. Во последните години сѐ подрастично опаѓа одгледувањето на сите подгрупи на сточарството. Може да се каже дека одгледувањето кози е речиси напуштено. За враќање на сточарството ќе се субвенционираат до 50 проценти од потрошените средства за купување одредена подгрупа на домашни животни за сите регистрирани сточари, а за напуштените подгрупи субвенционирањето ќе биде до 70 проценти со услов пет години да ја вршат оваа дејност.

ДОДЕЛУВАЊЕ НЕПОВРАТНИ СРЕДСТВА ДО ВИСИНА НА 20.000 ЕВРА ЗА СИТЕ ГРАЃАНИ ПО КОНЦЕПТОТ „ВРАЌАЊЕ НА ЖИВОТОТ ВО СЕЛО“, кои од градските ќе се преселат во руралните средини и ќе се занимаваат со земјоделство и сточарство. За оваа мерка потребно е тие со оваа дејност непрекинато да се занимаваат седум години, а доколку ја прекинат, доделените средства да се вратат. Од страна на државата ќе им се обезбеди стручна помош за избраната дејност, ќе се олеснат процедурите за регистирање и ќе ја добијат целокупната административна помош.

УРЕДУВАЊЕ НА КАНАЛИТЕ ЗА НАВОДНУВАЊЕ, РЕХАБИЛИТАЦИЈА И ПРЕУРЕДУВАЊЕ, НИВНО ЧИСТЕЊЕ И ГРАДЕЊЕ НОВИ. Во различни реони во државата има повеќе од 40 наменски канали за наводнување на обработливото земјиште. Голем дел од нив не се во функција поради тоа што не се извршени поправки и не се исчистени од смет и друг вид отпад. Поради нивното нефункционирање производителите на разни култури се соочуваат со проблем за наводнување и се изложени на дополнителни трошоци за наводнување.

ЗДРАВА ЖИВОТНА СРЕДИНА, СПРЕЧУВАЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО

ИНВЕСТИЦИИ ВО ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА, ПОДОБРУВАЊА ВО ЕНЕРГЕТИКАТА

СПРЕЧУВАЊЕ НА АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО ОД ИНДУСТРИСКИТЕ КАПАЦИТЕТИ со вградување сигурни пречистителни филтри, контрола на процесот на горење, забрана за употреба на материјали за горење кои се канцерогени, засилен инспекциски надзор, дислокација на индустриските капацитети каде што не може да се спречи загадувањето од нивното производство.

СПРЕЧУВАЊЕ НА АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО ОД ДОМАЌИНСТВАТА, промена на начинот на загревање со дрва и јаглен и субвенционирање на семејствата или бесплатно доделување, во зависност од финансиската моќ за вградување колектори за затоплување вода која ќе се користи за загревање на живеалиштата.

ПРАВИЛНО УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАДОТ, ревизија на моменталните депонии за начинот на кој работат и видот на технологија кој го користат за уништување на отпадот, градење модерни депонии каде што ќе се врши уништување на селектиран отпад. Оддели за рециклирање на отпадот со што ќе се овозможи производство на обновливи енергенси и пластична суровина за понатамошна обработка. Соодветно третирање на медицински и радиоактивен отпад по европски стандарди.

ЧИСТЕЊЕ НА ДИВИТЕ ДЕПОНИИ И САНКЦИОНИРАЊЕ НА НАДЛЕЖНИТЕ КОИ НЕ ПРЕЗЕМААТ МЕРКИ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА СОЗДАВАЊЕТО ДИВИ ДЕПОНИИ. Дивите депонии стануваат наше секојдневие, нема населено место каде што нема дива депонија. Од страна на надлежните досега не се преземени никакви мерки, освен стихијно дејствување по пријава на граѓани.

ПРАВИЛНО УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАДНИТЕ ВОДИ за да се спречи нивното одливање во реките и езерата и со градба на посебна инфраструктура со современ технолошки процес на прочистување од токсични и хемиски состојки тие да се искористат како техничка вода за индустриски и земјоделски потреби.

РЕВИДИРАЊЕ НА РЕГУЛАТИВАТА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ КОНЦЕСИИ ЗА ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ И ПЕСОК И УТВРДУВАЊЕ ПОПРЕЦИЗНИ И ПОСТРОГИ КРИТЕРИУМИ затоа што издавањето дозволи за концесија за нивна експлоатација е стихијно, без да се земе предвид дека овие ископи доведоа до уништување на цели ридови и планини, предизвикаа свлечишта, се уништи огромен шумски фонд, со експлоатацијата на песокот на голем број реки им се смени течението, некои останаа и без вода. Сево ова е на штета на природните ресурси и богатства со кои располагаме.

ПРАВИЛНО И СЕЛЕКТИРАНО ОДЛОЖУВАЊЕ НА ОТПАДОТ ВО НАСЕЛЕНИТЕ МЕСТА СО ПОСТАВУВАЊЕ ПОСЕБНИ ПОДЗЕМНИ КОНТЕЈНЕРИ ЗА СЕПАРИРАЊЕ ПЛАСТИКА, ХАРТИЈА И ОТПАД ОД ДОМАЌИНСТВАТА. Одложувањето на овој отпад со децении е проблем во сите населени места. Од страна на надлежните се поставени несоодветни контејнери кои повеќе ја загадуваат околината отколку што овозможуваат правилно одложување на отпадот.

УРЕДУВАЊЕ ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИ ПОВРШИНИ ВО ГРАДСКИТЕ ПОДРАЧЈА И СПРЕЧУВАЊЕ НА ТАКАНАРЕЧЕНАТА УРБАНА МАФИЈА ДА ГРАДИ НА ЗЕЛЕНИ ПОВРШИНИ со што ќе се намали аерозагадувањето од возила во градовите и помалите места. Ревизија на издадените дозволи за градби кои не се започнати, а се издадени за зелените површини и паркови во градовите.

СПРЕЧУВАЊЕ НА НЕЗАКОНСКАТА СЕЧА НА ДРВА И ОДГОВОРНОСТ ЗА НЕЗАКОНСКО ИЗДАДЕНИТЕ ДОЗВОЛИ И СЕЧЕЊЕТО ДРВА ПОВЕЌЕ ОД ИЗДАДЕНАТА ДОЗВОЛА со што ќе се спречи уништувањето на шумскиот фонд и соголувањето на планините кое во последната деценија е со голем интензитет, а на сметка на профитот на добитниците на дозволите.

ПРОИЗВОДСТВО НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ПРЕКУ ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ на енергија со сончеви панели и ветерни електрани, со цел искористување на геоположбата на Македонија, постоењето на 280 сончеви денови и струењето на ветрот по должината на реката Вардар и во јужниот дел од Македонија. За изградба на овие обновливи извори на енергија на земјиште во државна сопственост ќе се склучуваат договори за јавно-приватно партнерство, а за изградба на приватен имот ќе се субвенционираат до 20 проценти од висината на инвестицијата.

ИЗРАБОТКА НА ЕНЕРГЕТСКА КАРТА во која ќе се утврдат изворите на обновлива енергија од кои може да се произведе електрична енергија, со точно утврдени локации, начинот на кој ќе се произведе, висината на инвестициите кои се потребни, количеството кое ќе се произведе, роковите за изградба, за да се исфрли од употреба производството на електрична енергија од јаглен, да се намали увозот и да се намали малопродажната цена на електричната енергија.

ЗАБРЗУВАЊЕ НА ПРОЦЕСОТ НА ГАСИФИКАЦИЈА со кој ќе се снабдуваат домаќинствата и стопанските капацитети и ќе се намалат трошоците кои ги имаат. Со години наназад ова е актуелна тема и од страна на надлежните сѐ уште ништо не е преземено поради калкулациите за тоа кој и колку ќе профитира од оваа инвестиција.

МАСОВНО ПОШУМУВАЊЕ НА СОГОЛЕНИТЕ ШУМСКИ ПРЕДЕЛИ со шумски фонд кој ќе опстои согласно со квалитетот на почвата, спречување на создавање свлечишта, природно прочистување на воздухот и пошумување со дрвја кои даваат јаткасти плодови како што се ореви, костени, бадеми, лешници на одредени предели за нивните приноси да се искористат за производство или трговија.

СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА И ЗАШТИТА НА РАНЛИВИТЕ КАТЕГОРИИ ГРАЃАНИ, МЕЃУ КОИ И ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ. Нашата социјална политика се засновува врз уверувањето дека преобразбата на општеството и оформувањето на демократскиот поредок мора да почиваат врз начелата на социјална правда. На сите членови на заедницата мора да им бидат дадени можности за личен развој, образование, создавање семејство и квалитетни услови на живот.

Синдикатите мора да се организираат слободно и потполно независно од државата поради заштита и застапување на економските и социјалните интереси на своите членови.

За интересите на стопанските гранки и општествените слоеви ќе бидат задолжени коморите. Тие ќе се организираат како независни установи.

Нашиот концепт на социјална заштита е јакнење на општествената кохезија и поддржување на независноста и способноста на луѓето да си помогнат самите себеси. Ефикасен систем на социјална заштита ќе ни овозможи да одговориме на потребите на граѓаните во новите околности и да ги поддржиме ранливите и маргинализираните поединци и групи на кои им е неопходна организирана помош на заедницата и државата, како и на граѓаните кои не се во состојба со сопствено учество во економските активности да ја обезбедат својата егзистенција.

Ќе се залагаме за перманентно усогласување на работното законодавство со пазарните услови на работа и европските стандарди.

Приоритетни задачи на нашата социјална политика се донесување годишни програми на активна политика на вработување на државно и на локално ниво, реформа на Агенцијата за вработување, обединување на информацискиот систем и воспоставување модел насочен на потребите на невработените и на работодавците.

Ќе поттикнуваме отворање нови работни места со намалување на вкупното оптоварување со даноци и придонеси, како и со развивање нови форми на кредитни линии и микрокредитирање, особено во помалку развиените региони и подрачја со висока стапка на невработеност.

Наша цел е систематско решавање на проблемот на вишокот вработени со организирање обуки, стручно усовршување, преквалификација и доквалификација, што ќе придонесе за поефикасно завршување на процесот на приватизација и реструктурирање.

Ќе се залагаме за развој и унапредување на флексибилни форми на работа преку институцијата на привремено вработување, за воведување посебна заштита за родителите на деца заболени од тешки болести и за заштита на достоинството на работа.

Систематското унапредување на социјалниот дијалог на национално, локално, регионално и на меѓународно ниво, за да придонесеме кон посодржајно и поквалитетно усогласување на интересите на трудот и капиталот, претставува една од клучните задачи на нашата социјална политика.

Одредувањето на насоките на стопанскиот развој и остварувањето финансиска одржливост  се основни цели на нашата стратегија за реформа на пензискиот систем. Приоритет ни е обезбедување економска сигурност на пензионерите низ одржување стабилен однос на просечната пензија и просечната плата.

Се залагаме за реформа на пензиската администрација и воведување Централен регистар на осигуреници и корисници на правата, како и за подобрување на административните капацитети за наплата на придонесите за социјално осигурување и даноци на заработувачката.

Интензивно ќе работиме на унапредување на системот на безбедноста и заштитата на здравјето на работа, намалување на повредите на работа и професионалните заболувања.

Имајќи предвид дека обезбедувањето на работното место е најефикасен вид на социјална заштита,  цврсто го поддржуваме вработувањето на жените, младите и повозрасните лица, како и на лицата со попреченост.

За нашата социјална политика од исклучителна важност е заштитата на младите семејства и воведување колективни услуги на семејствата.

Особено сме определени за тоа на жените да им се овозможи да ги усогласат мајчинството и својот професионален ангажман.

На повозрасните работници треба да им се даде можност да го одложат заминувањето во пензија, додека приоритет треба да им се даде на инвестициите насочени кон децата и младите.

Нашата социјална политика почива врз уверувањето дека развиениот и уреден пазар на трудот и стабилно семејство претставуваат најсигурни извори на социјална заштита.

Сите граѓани мора да имаат еднакви можности во текот на целиот живот бидејќи тоа за нас е основна социјална правда. Во таа насока ќе се залагаме за:

ПОСЕБНА ЗАШТИТА НА САМОХРАНИТЕ РОДИТЕЛИ кои немаат услови за живот, со овозможување вработување или одредување надоместок во висина на минималната плата ако не се работоспособни и доделување социјални станови во случај да немаат свое живеалиште, со цел правична грижа на државата на оваа маргинализирана група граѓани, која е препуштена на грижата од најтесното семејство. Поголем дел од оваа ранлива категорија граѓани живее со 30 денари на ден, кои не се доволни ни за храна, а не пак за задоволување на потребите за еден пристоен живот.

ЗГРИЖУВАЊЕ НА ДЕЦАТА НА САМОХРАНИТЕ РОДИТЕЛИ, бесплатно згрижување во градинки, бесплатно образование, доделување додаток за дополнителна едукација и спортски активности за да им се овозможи пристоен живот и да им се олесни животот на нивниот родител.

ЗГРИЖУВАЊЕ НА ЛИЦАТА БЕЗ ДОМ И БЕЗ СРЕДСТВА ЗА ЕГЗИСТЕНЦИЈА, со доделување социјални живеалишта. Нивно вработување ако се работоспособни или доедукација за вршење работа за самостојно да обезбедат средства за егзистенција или доделување надоместок во висина на минималната плата. Од мерките за правилна ресоцијализација на оваа група граѓани, државата единствено досега има отворено дневни центри за престој и народни кујни на локации кои се несоодветни. Во моментов, грижата за оваа категорија граѓани е стихијна и препуштена на можностите на Црвениот крст и одговорни поединци.

БЕСПЛАТНО ЗГРИЖУВАЊЕ НА СТАРИ ЛИЦА И ЛИЦА КОИ НЕМААТ НИКАКВИ ПРИМАЊА ИЛИ ИМААТ  МИНИМАЛНА ПЕНЗИЈА, за овозможување пристоен живот, правилна здравствена грижа на старите и изнемоштените лица, кои моментално во најголем дел се оставени на своите семејства, кои не можат да им обезбедат минимум средства за егзистенција и лекување.

ПРАВИЛНА ГРИЖА ЗА ДЕЦАТА БЕЗ РОДИТЕЛИ со градење групни живеалишта согласно со возраста во урбани населби каде што ќе им бидат достапни сите содржини во општественото и социјалното живеење и доделување надоместок согласно со потребите кои произлегуваат од возраста. Сегашниот пристап кон овие деца е целосно погрешен, актуелните живеалишта се надвор од урбаните средини, а тие немаат соодветна заштита.

Најефикасна социјална политика е онаа која на граѓаните им гарантира дека никогаш во животот нема да се најдат исклучени од општеството, осиромашени или маргинализирани.

Во Македонија живеат над 100 000 лица со попреченост. Не постојат институции во кои задолжително би било евидентирано секое лице со попреченост, ниту меѓусебна соработка на различните институции во смисла на формирање заедничка база на податоци. Доминира социјалната изолација која особено се огледува во осаменоста и соочувањето со попреченоста, осиромашени социјални контакти и тешкотии во обидите за вклучување во разните форми на општествениот живот. ДЕМОКРАТИ сакаат лицата со попреченост вистински да бидат интегрирани во заедницата, поради што:

– ќе ги усогласат постојните прописи со меѓународните документи во областа на заштитата и интеграцијата во општествениот живот на лицата со попреченост;

– тие (лицата со попреченост) ќе бидат вклучени во креирањето политики и носењето одлуки во сите аспекти од животот;

– ќе се создадат услови и ќе се овозможи оптимално школување низ уривање на сите бариери, како на градежно-архитектонските за слободно движење на лицата со попреченост, така и на законските и на општествените;

– ќе бидат унапредени ресурсите во образованието, ќе бидат обезбедени обуки и подобри услови за кадарот кој работи со децата со попреченост за обезбедување квалитетно образование;

– особено внимание ќе посветиме на спроведувањето на стратегијата за унапредување на нивната социјална положба и вработување. Ќе се залагаме за еднакви можности при вработувањето на лицата со попреченост и укинување на дискриминацијата;

– ќе им се овозможи на лицата со попреченост соодветна преквалификација и доквалификација во рамките на постојните психофизички можности, кои би резултирале со вработување и осамостојување;

– низ законските решенија, во соработка со комуналниот, градежниот и урбанистичкиот сектор ќе се овозможи изградба на станбени и јавни објекти со специфичностите кои овозможуваат достапност и задоволување на животните потреби на лицата со попреченост;

– ќе бидат унапредени надоместоците за компензација на попреченоста по вид и степен на попреченост. Средствата ќе бидат обезбедени од буџетот на државата, приспособени според тежината на попреченоста. Ќе се воведе семеен додаток за грижа на нивните семејства за да можат правилно да ги остваруваат своите животни функции;

– ќе се унапредат сообраќајната инфраструктура, јавниот превоз, како и културата на сите учесници во сообраќајот во поглед на разбирањето на специфичните потреби на лицата со попреченост;

– ќе се овозможи поквалитетно информирање за лицата со попреченост, намалување на предрасудите кон нив и спроведување позитивни кампањи за промовирање на еднаквоста на граѓаните во општеството;

– ќе ја поттикнуваме соработката со здруженијата, организациите, сојузите, невладиниот сектор за поттикнување и реализација на проекти против изолираноста, а во насока на вклучување во општествената заедница и во општествените токови и ангажирање на нивните потенцијали.

ЗДРАВСТВО И ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА

ГРАДЕЊЕ КЛИНИЧКИ ЦЕНТРИ ВО СИТЕ ПОГОЛЕМИ ГРАДОВИ со нивно правилно распоредување и достапност на граѓаните од сите околни места. Гломазен клинички центар во Скопје, со сите клиники само ќе ја отежни потребната здравствена заштита на граѓаните од другите населени места. За правилна заштита потребно е изградба на 10 клинички центри во поголемите градови кои ќе ги опфатат здравствените услуги кои им се најпотребни на граѓаните. Во Скопје како главен град треба да се изгради само еден специјализиран клинички центар за ретки болести и специјални здравствени услуги.

ПОДОБРУВАЊЕ НА МОМЕНТАЛНАТА ЗДРАВСТВЕНА ИНФРАСТРУКТУРА за правилно и целосно добивање на здравствената услуга. Голем број здравствени капацитети се целосно руинирани, без соодветна медицинска опрема и помошен материјал. Сето тоа се должи на неправилното планирање во здравството и неводењето грижа за здравјето на граѓаните. Здравството располага со голем број објекти кои се ставени надвор од здравствената функција, а кои можат да се реновираат со мали вложувања со што ќе станат пристојни објекти за пружање медицинска помош и лекување.

ПРАВИЛНА ГРИЖА ЗА ЛИЦАТА СО РЕТКИ БОЛЕСТИ. Воведување регистар за видот на ретката болест, доделување правилен надоместок за лекување и егзистенција по вид на ретката болест, доделување додаток за семејна грижа на семејствата. За да се добие реална слика за видот и тежината на ретките болести, потребно е да се изработи регистар кој ќе ги опфати финансиските средства за лекување и егзистенција. Овие средства да бидат од буџетот на државата и приспособени според тежината на ретката болест. Да се воведе семеен додаток за грижа на семејствата на овие лица за да можат правилно да ги остваруваат своите животни функции.

ДОДЕЛУВАЊЕ МЕДИЦИНСКИ РЕКВИЗИТИ, ОПРЕМА И ПОМАГАЛА НА СИТЕ ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ И СО РЕТКИ БОЛЕСТИ. Оваа дополнителна медицинска опрема само го оптоварува семејниот буџет, а голем број семејства финансиски не се во можност да ги набават. На овие лица потребната медицинска опрема и помагала ќе им се набавуваат од страна на државата во брза постапка во која ќе ги нема бирократските процедури.

БЕСПЛАТНО ЛЕКУВАЊЕ ВО ДРЖАВАТА И ВО СТРАНСТВО на лица со ретки и специфични болести и навремено преземање на потребните здравствени обврски за нивно лекување за да се овозможи нивно навремено лекување и спасување на нивните животи. Со децении наназад сведоци сме дека овие лица поради бирократските процедури се оставени на милост и немилост и во најголем дел се лекуваат од донации на одговорни граѓани или фирми.

ПОГОЛЕМИ ПРАВА НА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ ВО ОДНОС НА ПРЕПИШУВАЊЕТО ТЕРАПИЈА за да се намали упатувањето на пациените на интернистички, па потоа на специјалистички прегледи, со што ќе се скрати времето на пациентите за лекување, како и поради тоа што интернистичките прегледи се речиси исти како кај матичните лекари.

ВОВЕДУВАЊЕ ЗДРАВСТВЕН РЕГИСТАР КОЈ ЌЕ ОПФАТИ ПО ГОДИНИ НА СТАРОСТ КОИ ЗДРАВСТВЕНИ ПРЕГЛЕДИ ТРЕБА ДА СЕ НАПРАВАТ. Ќе се создаде здравствена култура, ќе се овозможи добивање реална слика за здравјето на поединецот, ќе се превенираат голем број болести кои ги носи стресниот живот, а од кои ризикот согласно со стареењето се зголемува.

ПРАВИЛНО НАГРАДУВАЊЕ НА ДОКТОРИТЕ И ЗДРАВСТВЕНИОТ ПЕРСОНАЛ со што ќе се овозможи поголем интегритет на докторите и медицинскиот персонал кои работат за здравјето и животот на граѓаните. Ќе се спречи масовното напуштање на стручниот медицински персонал на државните клиники и нивно заминување во приватните клиники или во странство.

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КАПИТАЦИЈАТА НА ПРИВАТНИТЕ ЛЕКАРИ И СТОМАТОЛОЗИТЕ. Сегашите средства кои се доделуваат не се доволни за самостојно опстојување, набавка на медицинска опрема и потрошен материјал. Затоа, овие средства треба да се зголемат за 50 проценти, да се одреди додаток од 10 проценти за потрошен материјал, а средствата кои ги добиваат стоматолозите да се изедначат со матичните лекари.

ВОВЕДУВАЊЕ МЕДИЦИНСКА ЕДУКАЦИЈА И ПРОМОЦИЈА ЗА ЗДРАВИОТ НАЧИН НА ИСХРАНА, спортувањето, занимавање со хобија со вклучување на училиштата, Црвениот крст и невладини организации за да се воспостават здрави навики кај популацијата кои ќе придонесат за исклучување на одредени болести и продолжување на животниот век.

СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈА ЗА ТАЛЕНТИРАНИТЕ СТУДЕНТИ И ВРАБОТЕНИ ДОКТОРИ во одредени области од здравството. Трошоците за специјализација ќе бидат во целост покриени од буџетот со што ќе се добие висококвалификуван медицински кадар подготвен за работа во сите области од здравството. Исто така, потребни се доусовршувања, едукации, надградби на докторите и останатиот медицински персонал, транспарентна постапка со која знаењето кое го поседува медицинското лице ќе биде имплементирано во здравството.

ОБРАЗОВАНИЕ, НАУКА И КУЛТУРА

УКИНУВАЊЕ НА ДЕВЕТОЛЕТКАТА ВО ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА. Деветолетката се покажа како крајно непродуктивна за учениците и наставниците. Основното образование е оптоварено со непотребни предмети кои децата ниту физички, ниту психички се созреани да ги следат, а камоли да ги научат. Од друга страна, и наставниот кадар во постојното основно образование се соочува со експериментални предмети кои треба да ги предава, а нема ниту основни познавања за темите кои се обработуваат. Затоа, предвидуваме намалување на предметите во основното образование, особено за учениците од прво до четврто одделение. Исто така, се предвидува ревизија на учебниците и учебните помагала, а наставниот кадар бесплатно да го помине тестот за валоризација на индивидуалната подготвеност на секој поединец кој во својот работен век треба да продуцира квалитетни генерации потковани за продолжување на едукацијата. Во основното образование ќе се намали бројот на предмети кои треба да ги следат децата од прво до четврто одделение, а квалитетниот наставен кадар ќе биде награден со зголемена плата и други бенефиции.

ИЗМЕНИ ВО ЗАКОНОТ ЗА СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ. Укинување на средното образование како задолжително, а за сметка на тоа, форсирање силно и квалитетно насочено образование. По завршувањето на средното училиште, секој млад човек ќе може да најде добро платено вработување во државата. На тој начин, државата ќе се ослободи од баластот да одделува од буџетот дополнителни средства за задолжително средно училиште, а во средните училишта учениците ќе се подготвуваат за директно влегување во работниот процес во претпријатијата и компаниите како квалитетно подготвени работници.

ЕВАЛУАЦИЈА НА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ. Од страна на Агенцијата за валоризирање би се спровела евалуација во однос на квалитетот на факултетите/универзитетите во Македонија. При тоа, се предвидува ревизија на дипломите на завршените студенти, како и финансиски инспекции на универзитетите во Македонија и нивните единици. На тој начин ќе дојдеме до реалните потреби и побарувања на универзитетите и факултетите, а без навлегување во автономијата на нивните надлежности.

РЕВИЗИЈА НА ПОСТДИПЛОМСКИТЕ И ДОКТОРСКИТЕ СТУДИИ, и спроведување квалитетни студии кои нема да бидат „проформа“ или „на продажба“. Говорејќи за сузбивањето на овие категории, особен акцент мора да се стави на борбата против корупцијата и митото на универзитетите и факултетите.

ЗАКОН ЗА ИЗДАВАЧКА ДЕЈНОСТ

РАЗВОЈ НА СПОРТОТ

ИЗГРАДБА НА ПОВЕЌЕНАМЕНСКИ СПОРТСКИ ЦЕНТРИ во сите поголеми градови и реконструкција на постојните спортски сали за подобрување на условите за рекреативно и професионално вршење на спортските активности. Покрај во Скопје, вакви центри теба да се отворат во уште 10 поголеми градови во Македонија.

ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА КЛУБОВИТЕ, ТРЕНЕРИТЕ И СПОРТИСТИТЕ за секој клуб да може да ги покрие трошоците за патувања, кирии, плати за тренерите, набавка на потребната опрема, стипендии за талентирани млади и врвни спортисти, поточно кажано, целосно финансирање на клубовите и спортистите.

Адреса:

ул. Борис Траjковски 24 - 1/2, Скопје 1000

Адреса:

ул. Борис Траjковски 24 - 1/2, Скопје 1000

Сите права задржани © 2023 ДЕМОКРАТИ