Народе на Македонија, токму во овој момент пред избори кај нас повторно се случува процесот во „големите“ партии, кој е коренот на големата корупција и сите најголеми зла кај нас. Кандидатите за градоначалници и советници мораат да бидат прво слепи послушници, потрчковци, полтрони и некои да си го платат местото со кеш, за градоначалници и советници – на партијата и нејзиниот лидер, ако сакаат да бидат номинирани и ставени на добитни позиции на затворените изборни листи за локалните избори. И луѓето со расипана душа, без оглед на нивната стручност и титула – тоа го прифаќаат и прават, исто како и овие до сега !
И што можеме да очекуваме од новите избрани градоначалници и советници, да ни служат на народот и да работат за општините и државата? Па секако дека ќе прават како и овие до сега – со корупција и криминали ќе гледаат најнапред да си ги вратат инвестираните пари, а потоа и што повеќе да украдат од буџетот – затоа што и другите така правеле, и ќе бидат глупави ако не прават така и тие, нели? Ќе дозволат да им се направат кривични досиеа, со кој потоа ќе бидат врбувани и уценувани за апсолутна послушност, а ние ќе веруваме во нивните предизборни лаги и ќе се надеваме на нешто. Е тука е коренот на големата корупција во која живееме, и од која, со системот на затворени листи и лидерски кандидати – немаме шанси да се спасиме.
Решението на проблемот е многу лесно и едноставно – промена на коруптивниот и криминален изборен систем со затворени листи, и воведување на чесниот и квалитетен систем на отворените листи, со кој мора да се работи чесно, квалитетно и според законите ! Тоа е тоа што ние ДЕМОКРАТИ го нудиме и за овие локални избори – воведување на системот на отворените листи, со кој градоначалниците и советниците на општините ќе бидат наши народни, а не лидерски слуги. Така во корен ја сечеме најголемата корупција во Македонија !
Затоа следните локални избори се наш народен мегдан за борба со организираниот криминал и со големата корупција, каде што ние народот, со својот глас за ДЕМОКРАТИ на избори, ја победуваме политичката и градежна мафија, и правиме огромен чекор кон наважната и најприоритетна државна цел – воведувањето на отворените листи и спасувањето на Македонија!
ДЕМОКРАТИ секогаш за доброто на Македонија и народот!


