Со длабока болка и згрозеност го осудуваме свирепиот чин на насилство и двојно убиство, во кој животот го загуби Росица од Велес и нејзиниот татко!
Нејзината трагична судбина е уште едно потсетување за системски пропусти и институционална негрижа, и дека ниту една жена не смее да биде оставена без заштита и поддршка од институциите.
ДЕМОКРАТИ го осудуваат секој облик на насилство, а посебно семејното насилство, и упатуваме апел за заедничка и решителна акција на сите надлежни институции и на целото општество за заштита и превенција на жените од секаков вид насилство.
Фемицидот е најтежок и најсвиреп облик на насилство, кој е препознаен во законодавството како кривично дело и мора да биде третиран со најголема сериозност и итност.
Потребно е постојано зајакнување на мерките за превенција, навремена заштита на жртвите, и создавање безбедна средина каде секоја жена ќе се чувствува безбедно и сигурно.
Во таа насока, ДЕМОКРАТИ повикуваат на:
*Измени на Кривичниот законик за насилство, и стореното кривично дело да не можи да се амнестира,
*Соодветно и навремено постапување од страна на МВР, Центрите за социјална работа, Судството и Обвинителството,
*Отворање нови и зајакнување на постоечките кризни центри за итна заштита на жртвите од насилство,
*Обезбедување на 24/7 редовни телефонски линии за помош и поддршка на жртвите од насилство,
*Редовна едукација на компетентните лица во институциите кои постапуваат во случаи на насилство и санкционирање доколку не постапат по закон,
*Воведување на програми за превенција и едукација за семејно насилство во училиштата и локалните заедници,
*Обезбедување на долгорочна психосоцијална и правна поддршка за жртвите од насилство.
Жените не смеат да живеат во страв – тие мора да имаат загарантирана безбедност и достоинствен живот во општеството! Тоа е обврска на институциите, но, и заедничка одговорност на целата заедница и општеството.
ДЕМОКРАТИ секогаш за доброто на граѓаните на Македонија!


