Државната изборна комисија (ДИК) го усвои регистерот на радиодифузери преку кои ќе се емитува платеното политичко рекламирање како и пресметките по колку проценти партиите ќе добијат од 10.6 милионите евра за оваа намена. Точно ова открива дека уште на самиот старт партиите учеснички во изборите се доведени во нерамноправна положба.
Имено по 45 % од средствата ќе добијат двете најголеми партии на власт значи СДС и ДУИ и двете најголеми партии во опозиција значи ДПНЕ и коалицијата на албанските опозициони партии, ВРЕДИ.
Партиите кои на минатите избори освоиле пратенички мандати но помалку од потребните 5, добиваат 7%, а партиите како ДЕМОКРАТИ кои не се парламентарни, а ги има повеќе делат само 3% од средствата од 10.6 милиони евра за платено политичко рекламирање.
Тие што имаат пак да имаат, тие што немаат пак да немаат. Уште на самиот почеток партиите се доведени во нерамноправна положба со што и изборната трка е нерамноправна.
Но што е тука е. Очекуваме на овие избори да ни ја дадете поддршката со која ќе освоиме неколку пратеници па ќе престане и оваа нерамноправна голгота.
Она што дополнително става сол на раната, што вели нашиот народ, е тоа што е прифатено пријавувањето на 249 портали од кои некои се со домејни креирани во странство и кои обично се палат и обично се гасат после секои избори. А точно преку овие портали се агитира, се оцрнува политичкиот противник и едноставно служат за агитпроповско известување. Оваа сфера остана надвор од законите, може да прават се што сакаат, ќе ве оцрнат па ќе се угасат да не можете да им вратите или да ги пријавите некаде. За воља на вистината има и малку професионални портали но само малку.
Но, ДЕМОКРАТИ се нестрпливи и недопирливи и несопирливи во намерата за освојување на пратенички мандати и влез во собранието иако се соочуваме со лимитирани средства за платено политичко рекламирање. Битката продолжува!
ПС. Се гледаме на оние фреквенции каде ќе решиме да се појавиме но секако не на оние кои не игнорираа и до сега и пред чии порти им организиравме и прес конференции и сме единствена партија која го направи тоа иако на игнор од овие тв куќи се ставени и други партии.


