Пред само неколку месеци, ДПНЕ и неговите челници беа гласни и бескомпромисни во одбраната на ставот дека придавката “Северна“ никогаш нема да биде прифатена.” Патриотскиот институт “на ДПНЕ, предводен од Пандов, беше јасен во своите закани дека „секој што ќе изговори Северна ќе биде нападнат јавно и исфрлен од партијата“.
Овој став беше многупати повторуван од страна на челниците на партијата, кои го користеа како основа за мобилизација на своето членство и поддржувачи.
Но, што се случи откако ДПНЕ дојде на власт? Дали се одржаа на своите принципи или пак, се свртеа кон истиот пат по кој чекореа оние кои до вчера ги нарекуваа „предавници на македонскиот народ“?
Последните настани јасно покажуваат дека ДПНЕ се наоѓа во состојба на сериозна морална и идеолошка криза. Прво, министерката за образование, Јаневска, јавно го изговори „Северна Македонија“, па дури и сама се поправи, но суштината останува.
Вчера, пак, министерот за земјоделие Трипуновски, во својот говор, гордо ја изговори „Северна Македонија“. Каде се принципите за кои толку гласно се залагаа? Каде е непоколебливоста што ја ветуваа на македонскиот народ?
Од едно големо „никогаш Северна“ до состојба во која нивните министри и официјални лица без двоумење ја користат „забранетата“ придавка – дали ова е промена на став или откривање на вистинското лице на партијата? Очигледно е дека ДПНЕ полека, но сигурно си „легнува на брашното“, како што би рекле народски. Легнуваат на брашното послано од нивните, според нив, најголеми предавници на македонството – СДС, Заев и Димитров.
Прашањето кое се поставува е: до каде одат принципите на ДПНЕ?
Дали постоеја тие воопшто или беа само алатка за политичка манипулација?
Дали некој во оваа партија навистина се грижи за неправдите нанесени врз Македонците, или сето тоа беше само игра за добивање власт и фотелји?
Тому кога дојде моментот да се покаже вистинската лојалност кон народот и државата ДПНЕ не само што не застана на линијата која ја вети, туку и активно ја премина!
Македонскиот народ заслужува одговори. Заслужува политички партии кои ќе стојат на зборот и ќе ги исполнуваат своите ветувања. ДПНЕ, со своите постапки, не само што ги разочара своите поддржувачи, туку и покажа дека принципите можат лесно да бидат изневерени кога на сцена е власта.
Зарем и оваа политичка партија ќе ја сметаме за сериозна алтернатива за управување со државата? Народот е измамен, а идеолошките ставови се продаваат по цена на политичко преживување.
Време е за будење, време е за нова политичка сила која навистина ќе ги почитува принципите и ќе го чува македонското достоинство.
Автор на текстот Роберт Милески


