Почитувани денеска го чествуваме ликот и делото на Свети Климент Охридски кој образован од најдобрите и единствените во своето време светите браќа Кирил и Методиј, ја продолжил нивната мисија всадувајќи им на поколенијата писменост но и длабока духовност и мудрост. Ја ширеше својата љубов и вербата во Бог, а пред повеќе од еден милениум помогнал да се извадиме од културниот мрак.
Св.Климент Охридски е и патрон на Македонската православна Црква-Охридска Архиепископија да ни е вечна и вековита.
Големиот Блаже Конески напишал: „тихите кандила пред иконите на свети Климент гореле низ вековите само во нашиот регион, изразувајќи и молитва и надеж и човечка солидарност. Само со македонската традиција е ликот на Климент Охридски сврзан толку интимно. (…) Климент Охридски спаѓа во редот на оние малобројни фигури, околу кои се случува самата кристализација на нашата национална свест. Па и меѓу тие малкумина, тој сигурно зазема предно место. Тоа го чувствуваат Климентовите потомци, поставени уште еднаш заедно со него да бараат признание за својата самостојна културна акција и за својата национална независност.“
За многу години празникот. Но, да признаеме и да се освестиме зашто сме недостојни наследници на светиклиментовиот подвиг и мисија ни световно ни духовно. Ој ти Свети Клименте те молиме да ни помогнеш да станеме почесни, подуховни, пољубовни, пообразовани твои чеда..Амин!


