Последен пример за тоа е ангажирањето на голем број таканаречени советници во кабинетот на министерот за внатрешни работи Тошковски и паралелно во кабинетот на неговиот заменик од ВЛЕН-Исени. Ваков дуализам не постоеше ниту во Владата на ДУИ и СДС, и со него државата се дели по најосновните нишки на државноста и суверенитетот, а притоа овие советници од кои некои се и бивши членови на шарената револуција и осудувани со казни затвор, ги чинат граѓаните безмалку еден милион денари месечно, во време кога сиромаштијата опасно галопира, потикната од дивеењето на цените.
ДЕМОКРАТИ прашуваат на кого му се потребни 23 советници, какво е тоа Министерство кое не покажа никаква ефикасност во првите 100 дена од Владата, освен во делењето на огромните плати и кого, и што, тие советуваат толку важно, а без видливи резултати?
Ако притоа констатираме дека новата Влада на ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН има 20 министерства и во просек сите имаат по 23 советници, тоа прави армија од 460 партиски неработници вгнездени во системот, наградени за нивните предавства како членови на СДСМ и ДУИ, или за нивното лепење плакати како членови на новата Коалиција со стари манири на ДПМНЕ и ВЛЕН. Тоа, со проста математика значи 20 милиони денари секој месец или 240 милиони денари годишно, околу 6 милиони евра за плати на некакви таканаречени советници на министрите секоја година од даноците на граѓаните, земени со извршители.
ДЕМОКРАТИ ја прашуваат македонската јавност и македонските граѓани: дали дадовте согласност на изборите 460 таканаречени советници да трошат годишно 6 милиони евра, додека граѓаните се блокирани од извршители и буквално секој ден ни се случуваат самоубиства, тешки криминали и дневно се издаваат, според официјалните статистики, 10 000 кутии на разни лекови за смирување.
Вакво расфрлање со парите на македонските граѓани е невидено, и претставува легална политичка корупција на лица кои ги користат своите активности за величење на Владата, која пак за возврат им исплаќа плати.
Со почит
ДЕМОКРАТИ секогаш со граѓаните


