Предизборната кампања уште е далеку, а политичкиот циркус веќе започна. Главна тема на медиумите сега е кој кандидат за претседател до каде е со собирањето на потписи за кандидатура, кој ќе помине во вториот круг и кој ќе победи, и уште јавна кладилница да се отвори и луѓето да почнат да се обложуваат – па забавата да биде комплетна!
Уште подобро што вториот круг на претседателските избори е заедно со парламентарните, па сега сите велат дека првиот круг ќе биде показател каков ќе биде исходот на парламентарните избори. Оние што сакаат да гласаат за победникот го чекаат исходот од првиот круг, и веќе се во полн ек сите комбинаторики – кој колку гласови ќе освои, кој со кого ќе оди во коалиција, кој ќе може да ја прави владата, и т.н.
Сега уште треба да се отвори кладилница и за тоа кој колку гласови ќе освои на избори, кој со кого ќе коалицира и кој ќе формира влада – па циркусот да биде комплетен! Не е важен интересот на граѓаните и на државата – најважен е сеирот, кој кого ќе го зафркне, и кој колку ќе се нервира ако не влезе во влада. А тоа што овој циркус премногу скапо го плаќаме ние граѓаните од нашите буџетски пари – тоа не е важно?
За нас од ДЕМОКРАТИ најмалку важно е кои претседателски кандидати ќе соберат потписи, кои ќе одат во втор круг и кој ќе победи. Најважна е нивната изборна програма, како планираат да ја спроведат, и колкава им е довербата за тоа. Воопшто не е важно дали претседателскиот кандидат е од СДС, ДРПНЕ, ДУИ или друга партија, туку колку е од доверба дека навистина ќе биде претседател на сите граѓани, колку ќе биде независен од партиите и колку ќе ја спроведува својата изборна програма заради која е изгласан. А дали гледате некој таков од номинираните кандидати?
За нас ДЕМОКРАТИ исто така не е најважно која партија ќе добие најмногу мандати од граѓаните и кои партии ќе ја формираат владината коалиција – туку какви се изборните програми на партиите, како планираат да ги спроведат тие програми, во кои рокови, и најважно – што ако не ги спроведат тие програми?
Ние ДЕМОКРАТИ се залагаме за остварување на најважната, најприоритетната и најстратешка цел – ИТНА промена на криминалниот Изборен законик и воведување на отворените изборни листи во Македонија. Таа цел е главен предуслов за сите останати големи цели од нашата изборна програма, а кои им се суштински потребни на граѓаните и на државата. Затоа бараме од медиумите, посебно од националните медиуми дебело платени со нашите граѓански пари, вниманието на дебатите и јавните промоции на партиите да го насочат на тие најважни прашања – на партиските изборни програми и на нивните главни цели, на начинот и рокот на нивното остварување – и на консеквенциите ако тие изборни цели и програми не се остварат во наведените рокови. Ако за тоа не се зборува – се друго е само обичен политички циркус од нивна страна за замајување и манипулирање на нас граѓаните – скапо платен со нашите граѓански пари!


